Петар Печков
Објавено: петок, 25 декември 2020
Изминатите два дена, среда и четврток, квалитетот на воздухот во Велес беше лош, загаден со ПМ 10 честички но и ЅО2, CО и NO2. Вредностите се посебно високи, над дозволените, посебно во вечерните и утринските часови. Средно дневните концентрации на PM 10 честички измерени на мерна станица Велес 2, за деновите 23 и 24 декември 2020 година се 106,90 μg/m3 и 109,34 μg/m3. Бидејќи со ова е надминат прагот за информирање, кој е два дена измерени вредности над 100 мг/м3, локалната власт излезе со препораки до граѓаните.
Согласно последните резултати од мониторинг станицата за квалитет на амбиентен воздух Велес 2 на Државниот автоматски мониторинг систем при Министерството за животна средина и просторно планирање, Општина Велес ги известува граѓаните за високи концентрации на ПМ 10 честички во амбиенталниот воздух - соопштија од локалната власт.
Препораки за граѓаните се: рано наутро и доцна навечер да се избегнува долготрајна изложеност на отворено, да се одложат сите активности на отворено, да се користи суво, а не влажно огревно дрво и редовно да се чистат оџаците, возила да не се користат без поголема потреба, да не се користи за затоплување на простории прегорено отпадно масло, лакирани или обоени отпадоци од дрво и мебел, стиропор, ПЕТ амбалажа, парчиња гума и синтетички материјал.
Tweet |