Петар Печков
Објавено: среда, 25 март 2026
Срдечна, топла била средбата на екипата на велешката Итна помош, при ЈЗУ Здравствен дом со двајцата повредени од пожарот во Кочани, кој се случи деновиве. После една година, на иницијатива на нивните родители, се сретнаа повторно. А се започнало ноќта на 16 март 2025 година, кога на Благој Миладинов (20 год) и Филип Стојанов (23 год) им биле неопходна, итно потребна лекараскаа, здравствена помош.
„Бев дежурна таа ноќ кога околу 3 и пол часот добивме повик, дека има пожар со многу настрадани во Кочани, дека е потребна помош од повеќе градови. По пат не упатија да одиме до тамошната болница, каде биле настраданите. Кога стигнавме таму, меѓу другите имаше две деца во животно загрозувачка состојба, со тешки изгореници. Тие имаа добиено соодветна терапија од колегите од болницата. Решивме да ги транспортираме двете до Болницата 8 Септември во Скопје. Имаа бројни изгореници по телото, беа свесни контактибилни, ориентирани, го поминеа настанот. Чувствуваа голема болка, па при транспортот извршивме нова преврска, им дадовме инфузиона терапија по возилото“ – кажа д-р Елена Најдовска.
Таа заедно со сестрата Зорица Петровска и возачот Тони Николов, биле екипата која од Велес тргнала во 3,40 во Кочани била во 4,15 за да во 4,25 тргнат до Скопје и таму стигнат во 5,20 ч. Ги превезле повредените, им дале нега по возилото. Ноќта уште една екипа од велешката Итна помош заминала за Кочани д-р Елена Коцевска, сестра Зорица Ѓошева и возачот Илија Пановски, која била вратена бидејќи веќе немало потреба од транспорт на повредните. Утрото две други екипи биле ангажирани да ги пренесуваат повредените од болниците во Скопје до аеродромот во Петровец. Имало и екипа која присуствувала на денот на погребот во Кочани, кога давала помош на присутните.
Едното од транспортираните деца било пренесено во Шпанија а другото во Словенија на лекување од изгорениците. Контактот со повредените, со нивните родители го одржувала медицинската сестра Зорица Петровска.
„Родителите идеа со автомобил после комбето зад нас, докторката имаше телефони од нив, да ги информира за состојбата на децата каква им е. Контактите продолжија потоа пред се од страна на родителите, кои ни испраќаа пораки, слики од заздравувањето на децата, рехабилитацијата. Целото нивно лекување го следевме, кога се вратија дома исто така. Ни се јавија на видео дека се живи да ги видиме. Прекрасни родители и прекрасни деца. Родителите кога се видовме деновиве беа пресреќни. Презадоволни што покажавме интерес како напредува лекувањето, оздравувањето“ – рече сестра Зорица Петровска.
Од страна на родителите екипата на Итната помош од Велес биле поканети на годишнината од настанот, да се сретнат и видат во Кочани. Елена ги раскажа нивните први зборови при средбата.
„Добивме пријатели за цел живот. Од една неубава ситуација се роди големо пријателство“ порачале родителите.
| Tweet |








