Петар Печков
Објавено: среда, 27 април 2022
Жестока дискусија но многу реплики предизвика одлуката на Општина Велес, средствата кои беа предвидени за набавка на мерни инструменти за квалитетот на воздухот во градот, да се пренаменат за плаќање на сметките за јавно осветлување. Тие се неколку кратно зголемени по енергетската криза во светот.
„Средствата наменети за мерните инструменти се бришат и тие се пренаменуваат за плаќање на сметките за електрична енергија. Со кратењето на овие ставки, не значи дека тие програми нема да се реализираат “ - кажа Петре Цилаков раководител на сектор од локалната власт.
Набавката на мерни инструменти е тргнато по писмото добиено од Министерството за животна средина а по побараното мислење од страна на Општина Велес за набавка на мобилни сензори.
И претходната локална администрација не ја спроведуваше одлуката на Советот, бранејќи се ставот на Министерството, дека ваквите мерни инструменти не се квалитетни и не дaваат веродостојни параметри.
Во одговорот на МЖЗПП било нагласено дека тие мерни инструменти биле премногу осетливи на високите дневни температури и не ја давале вистинска вредност, и со нивната набавка и прикажаните вредности би се создала паника кај граѓаните.
„Многу ми е жал што средствата за набавка на мерни инструменти се тргнати. Ние не баравме поставување на мобилни сензорни, туку на уреди за следење на квалитетот на амбиенталниот воздух. Советничка група на СДСМ и во претходниот состав бараше да се постават такви мерни инструменти. Не може со една станица во град како Велес, во новиот дел да се добие целосна слика какви се параметрите во стариот дел на Велес“ - рече Пандорка Прличкова од СДСМ.
Таа се повика на промените за Законот за квалитетот на амбиенталниот воздух , од 2021-ва со кои се дозволува набавка на мерни инструменти кои ќе овозможат индикативни мерења. Со него се дозволува набавка на апарати кои даваат индиции дека квалитетот на воздухот не е во дозволени вредности.
На ист став беа и членовите од „Левица“.
„Во Полска има инсталирано мерни инструменти за мерење на квалитет на воздухот кои чинат 95 долари а се одобрени од ЕУ. И сега таму чинат овде во Велес не чинат. Во Куманово се инсталираат за истата сума како кај нас, од 600 илјади денари во Велес не може“ - кажа Игор Смилев од Левица.
Советниците од ВМРО-ДПМНЕ со противставен став.
„Како политичка партија поддржавме тоа што се зголеми сумата за раззеленување на градот, со повеќе цветен насад, наместо квалитетот на животна средина само да го мериме со мерни инструменти “ - рече Елизабета Митревска Анѓелеска од ВМРО-ДМНЕ.
„Зборувате дека со посадувањето на цвеќе го подобрувате квалитетот на воздухот. Се лажете. Не ја посадивме Амазонската шума во Велес, за да имаме подобар квалитет на воздухот“ - рече Катерина Ефремова од СДСМ.
Потсети дека овој амандман при носењето на Буџетот за оваа година, беше едногласно усвоен од сите советници а сега владечката партија на локално ниво не ги бара мерните инструменти.
Советникот од ДУИ, партија која пред изборите се декларираше како „зелена“ со најава дека ќе работи на животната средина, по оваа точка не се јави за збор, ниту дискутираше. Со мнозинство гласови беше изгласана точката со која се предвидува средствата наменети за набавка и поставување на мерни инструменти за квалитетот на воздухот во Велес, да се пренаменат за плаќање на сметките за електрична енергија.
Tweet |