Петар Печков
Објавено: сабота, 18 февруари 2017
Бројни реакции кај велешани предизвика ставот на Цветан Чилиманов, новинар уредник во МИА. Меѓу другото Чилиманов во неговиот пост пиша:
Тука доаѓаме до вистинската завист и злоба во филозофијата на Рацин. Тој ги мразел успешните. Не можел да смисли дека некој негов сограѓанин ќе постигне нешто и ќе се издигне над колективната беда и медиокритет. Затоа е подготвен да ламентира над минатото време на рачниот труд во чаршијата иако сигурно бил свесен дека новото, индустриско доба носи далеку поголем просперитет за сите — не сакал некој да има малку поголем просперитет од другиот, иако целосно го заслужил, во пропорција на неговиот вложен личен труд и инвестиција. Филозофијата на Рацин е — нека цркне козата на комшијата, море нека цркне и комшијата, иако таа коза го храни целото село...
Општеството кое Рацин го посакувал, во кое поединецот мора да биде потчинет на масата, мора да биде владеено само со брутална сила, со тајна (или не толку тајна) политичка полиција, која ќе ги гони не истомислениците, сите што нема да го воспеваат комунистичкиот режим...
Прв му одговори музичарот Златко Ориѓански:
Коста Солев Рацин беше поет, поетиште, тебе ти кажувам Цветине, ваму слушај, самоилов слепецу, Рацин е поетиште големо, за нас важен, како оној мост во Истанбул кој спојува исток и запад, Европа и Азија, векови и неколку географски времиња.
Да не беа браќата Миладинови и Рацин, ние денес се уште ке пеевме само народни песни. За наша среќа се појавија овие великани и на модерен начин отворија нов пат.
Рацин беше почеток на создавање модерна поетика, која ќе се потпира на нашата традиција. Нема земја, нема свет, нема голем поет, музичар ил сликар кој не се држел до овој вековен принцип, почнувајќи од Шекспир, преку Андриќ, Кадаре, Достоевски, Пикасо, Маркес, Дилан, Џон Ленон, стасувајќи до сликарот Кондовски, Горан Стефановски и натака. Господ еден знае кај ќе теравме ако не беше Рацин, ама секој свесен човек знае дека немаше да се случат Петре М. Андреевски, Анте Поповски, Радован Павловски, се до Дарко Лешоски, денеска.
Во Велес со името на Рацин е Гимназијата, поетската манифестација, локалното друштво на поети..
Tweet |