Петар Печков
Објавено: сабота, 17 октомври 2015
Велешаните Круме и Лепа Хаџи Наумови се влачари. Според кажувањата на Круме, тие се едни од тројцата последни кои се уште работат во Македонија. Круме и неговата сопруга Лепа, цел живот го минаа покрај машината која ја обработува волната, добиена од овци или од памук. Круме цели 55 години ја работи оваа работа, додека неговата сопруга Лепа помалку, откако е во брак со него.
Во влачењето сум од 60-тите година. Занаетот е без малку умрен, ретко некој ќе дојде да влача волна за чорапи и толку еднаш месечно. Нема кој да работи со волната, не сакаат волнени чорапи, не сакаат јамболии и овој занает е пред изумирање. Сега освен мене има еден во Штип и еден во Облешево, толку во цела Македонија - со тага објаснува осумдесет и еден годишниот Круме.
Набројува дека пред три- четири децении мајстори имало во Крушево од три влачари сега немало нити еден, во Битола и Прилеп по четири, во Струга имало три, во Вевчани и Демир Хисар еден, но за неговите колеги од овие градови останеле само спомените.
Додава дека имало многу влачари, во Велес биле тројца, двајцата негови колеги затвориле,немало работа. Имало и по селата во Извор, Богомила, Чашка, Росоман. За читателите кои на знаат објаснува дека влачар е мајсторот кој ја обработува волната која се добива од овците или памукот на дрвена или железна машина. Добиената преѓа потоа се употребуваат за изработка на јамболии, чорапи, блузи, шалеви, џемпери, ракавици, чорапи од волна, кои биле со висок квалитет. П
ред да се донесе волната кај нив се пере а потоа тие ја обработуваат. Се чешла со гребно кога се влачи, потоа се преде, се добива како конец кој се користи во домаќинствата. Колку време се работи постапката зависи од тоа како се рани машината со волна, толку време ќе трае процесот. Додава дека добиената волна се носела на бојадисување кај валавичар, а во велешко единствен бил некој од селото Лисиче.
Влачењето беше на вода, тоа беше до 60-тите кога јас започнав да помагам дома, потоа се прејде на струја. Научив од татко ми, Јован, кај велешани познат како Бај Ван. Ова е семејна традиција. На времето имаше работа непрекинато, ни сабота ни недела, и ноќе. Само зимно време се работеше лето не. Идеа од селата и Македонци и Власи. Татко ми работеше и чадори, ги поправаше и тоа го знаеше - вели Хаџи Наумов.
Имал машина која вадела и 300 кг волна на саат, тоа било преѓа од памук а семето се користело за храна на овците. Во тоа време имало и многу овци во велешко во Јаболчиште, Извор, Стари Град. Исто така имало и многу памук на полињата на Лозар. Секој сопственик сам си ги стрижел овците. Сега вели дека дваесетина години јамболии не се ткаеле, никој не ги барал повеќе, сопствениците ги давале и за без пари, ама не одат, не се интересни не се бараат.
Во гаражата од семејната куќа на улица Димитар Влахов се наоѓа и машината за влачење, бугарско производство, таа е од железо, за разлика од југословенските, кои се произведувале во Лесковац, тие биле од дрво. Била со големина од 1,30 метри, наспроти тие од Лесковац од метро.
За да ја купиме на времето, колку труд сме дале, сме вложиле, дење ноќе сме работеле и затоа сме врзани за неа. Ја чувам заради мерак, од љубов, синот вика да ја продадеме во старо железо, ама не ја даваме. Додека сме живи со сопругата, имаме аманет машината да не се продава, вредна е како експонат. Лошо е ако стои така, `рѓосува, мора да се пушта на празно. Иста машина, од железо, има и во Богомила, му ја продадов на мајсторот Дане, тоа е таткото на Владиката Петар, и тој ја чува љубоморно оваа машина, не сака да слушне да се продаде - рече Круме и потенцира дека голема помош имал од сопругата Лепа која денес има 79 години, бидејќи еден дел од животот работно минал како возач во брза помош.
Тогаш целата работа останала на неа. Лепа објаснува дека работата не била тешка, најтешко било чистењето на машината, кое било еднаш месечно.
Цели ноќи сум седела да ја исчистам. Не е тешко да се работи, кога се чисти е најтешката работа, кога сите валци се вадат, се од волната што останува на нив, да се отстрани. Денес машината е како музејски експонат, сите деца кои минат по улица, кога одат на школо ја ѕирнуваат. Многу им е интересна, секогаш ќе застанат, јас ќе им ја пуштам им раскажувам како се влачи, тие гледаат заинтересирано. Па друг ден ќе донесат другарчиња. Тие ни се најредовни гости, децата, учениците. Некој пат и наставничките ни ги носат. Ова е како маалски музеј, прашуваат бабо што е ова, она, ги интересира, постојано прашуваат - го завршува Лепа разговорот.
А дека машината е музејски експонат говори податокот што таа е стара околу 150 години.
Tweet |