речник контакт

Стариот мост во Богомила да се забрани за сообраќај

Потребна е итна санација и изградба на нов мост за патнички сообраќај, препорака од стручњаците

Петар Печков

Турскиот мост во Богомила е сериозно оштетен и потребна е негова санација, но  и изградба на нов мост кој ќе служи за патен сообраќај. Ова се наодите на стручњаците  од Државниот конзерваториски центар кои изминатите денови работеа на терен,  во Богомила. Тие работеа на проект за конзервација на мостот, кој има старост од четири –пет века. 

На мостот регистриравме повеќе  оштетувања кои се резултат на тежинското оптоварување. Поради тоа од челото на мостот има неколку камени блокови паднато, што ја нарушува неговата стабилност. Во периодот помеѓу 60-тите и 70-те години на минатиот век на него се вршени одредени градежни активности. Покриена е калдрмата, поставен е бетон од 30-40 цм и врз него асфалт – изјави  Андреја Јовановски советник конзерватор при Националниот Конзерваториски центар. 

Според него со изработениот проект треба да се врати мостот во првобитната состојба и да се санира. На површинана од мостот  на некои места е видлива калдрмата, што им дава оптимизам на стручњаците дека новите наслаги од бетон и асфалт, може да се отстранат и да остане  првобитната состојба, со камен. Оштетувањата на мостот доаѓаат што тој е единствениот во околината, кој мине преку реката Бабуна, истиот е единствен пристап до населбата Богомила и селата Папрадиште, Ореше и Нежилово.

Врз него минат и камионите на ЈП Македонски шуми со дрвја, тешки  повеќе тони. Ова се случувало со децении а резултатот е видлив денес со голо око. Богомилчани пред три години застанаа во одбрана на Турскиот мост, забранија тешките камиони да се движат по него. Но тоа беше за кратко, по неколку месеци, сообраќајот продолжи  а со тоа и неговото уништување.

Овој мост е споменик на културата од прва категорија. Не смееме да дозволиме тој  повеќе да се уништува. Бил изграден и користен со векови, за сега ние за неколку децении да го доведеме во ваква состојба. Ќе го анимирам Министерството за култура, но и Министерството за транспорт и врски, ЈП за државни патишта и останатите надлежни институции, сообраќајот по него да се забрани и да се предвиди изградба на нов  мост. Тоа е императив. Мостот мораме да го сочуваме за идните генерации, не е наша своина – предупреди  Јовановски. 

Стариот Камен мост  е заштитен споменик на културата од 1953 година и спаѓа во категоријата рустични мостови По него се движат тешки товарни возила кои транспортираат кварц и дрва од планината Јакупица, на мостот се настанати оштетувања, кои можат да предизвикаат сериозни последици. Уште во 2009-та тогашниот градоначалник  на Чашка Стојан Маневски, како и СВР Велес имаат реагирано до надлежните министерство за лошата состојба на мостот.

По нивните реакции стручњаци од Националниот конзерваториски центар, извршиле увид, изготвиле извештај и констатирале дека на мостот се одвива товарен сообраќај кој негативно влијае врз  неговата стабилност. Поради ова  побарале забрана на секаков вид моторен сообраќај, конзервација и реконструкција на мостот како и изградба на нов мост преку реката Бабуна. Овие препораки и по толку години не се земени во предвид.

 И сегашниот градоначалник Горан Пановски уште во негвиот прв мандат, најави решавање на проблемот со овој мост а од ветувањето ништо.

АНКЕТА »

Како ви се допаѓа сообраќајното решение за улицата 8 септември од Сармаале до Коњаникот

Резултати

ПРИЈАТЕЛИ »