Петар Печков
Објавено: сабота, 07 јануари 2012
Постарите жители на Велес, наспроти помладите, си имаат свој фејсбук. Не е на интернет, не е на компјутер, нема врска со информатичката технологија. Се наоѓа среде град, во центарот на Велес, тоа е стариот јавор на плоштадот Сармаале. Тој тука е со векови, надживеал многу времиња и луѓе, за сега да биде информатор за повозрасната велешка популација. Преку него оваа категорија сограѓани ги добиваат информациите, за нивните сограѓани кои починале.
Јаворот е наш фејсбук, тука секојдневно се лепат плакатите од починатите и така дознаваме кој наш сограѓанин го напуштил овој свет. Не е шега, но тоа е така. Нашата прошетка започнува и завршува тука, да прочитаме кој вечно се упокоил. Колку велешани внимаваат на оваа традиција, покажува што наши сограѓани кои починале и надвор од Велес и Македонија, во странство, нивните блиски, тукашни ќе закачат некролог за него, и така ќе го споменеме, ќе ги оживееме спомените на него, иако тој може со децении да не бил во Велес – вели Александар Иванов, пензионер.
Тој со неговите пријатели преку ден ја шета познатата релација од Пошта до Саатот, до местото викано ,,мали Калемегдан,, бидејќи од тука има одличен поглед на реката Вардар, и сите нејзини мостови во градот. Прошетката е како некогаш по корзото, само тогаш била навечер, сега е дење. Корзото изумре, но овој обичај, на лепење плакати на стариот јавор не. Тој е сведок на многу бурни настани, низ времето и историјата.
Новото време можеби направи многу новини, интернетот донесе револуција, но некои работи не можат да се сменат. Некролозите за починатите можеме да ги најдеме само на овој јавор. Затоа и доби има ,,фесјбук,,. Тука се сите потребни информации за сите што заминале на вечниот мир, каде и кога починал, кога и на која црква ќе биде погребот. Така дознаваме за овој дел од живеењето, за некои црн нам е потребно. Колку е прифатен овој обичај зборува што не се објавуваат некролози само со православни, има и католици но и наши сограѓани муслимани – објаснува Никола Димовски.
До овој јавор има уште еден, негов врсник, но на него нема, не се поставуваат некролози. Ако во минатото тука се одржувале сите митинзи, протести, минувале многу војски, денес под нив се одржуваат исто така политичките митинзи на партиите време на предизборието. Времето минува, но некои работи останале вечни. Но не само овој јавор на плоштадот Сармаале служи за лепење плакати, тоа се случува и на четири други, кај Варналиите, кај Маалка чешма, кај Саатот и на Којник. Велешани велат дека тие се дел од ,,фесјбук мрежата,,. Иако тоа е строго забрането, граѓаните сите овие години забраната не се почитува и никој не е казнет, затоа што закачува некролози на овие столетни дрвја.
Со одлука на Собранието на Општина Велес од 1989 година, службен гласник 5/89 во градот 8 дрвја јавори се прогласени за споменици на природата. Тоа се двата во црквата Св.Пантелејмон, двата на плоштад Сармаале, по еден кај Варналиите, кај Маалска чешма, кај Саатот и на Којник, како и тој во дворот на манастирот Св.Димитрија. На нив согласно оваа одлука се забранува сечење и кастрење на дрвјата или гранките, се забранува лепење плакати, реклами или некролози, се забранува палење на оган во нивна близина. Заштитени споменици на природата се и платаните, јаворите по текот на Бабуна од Пешти до вливот во Вардар, како и по текот на Тополка од Превалец до вливот во Вардар.
Двата јавори се напојуваат со вода од извор кој бил откриен при изградбата на блиската деловна зграда на тогашна ГП Пелагонија. Во интерес на јаворите, изворот бил сочуван, се до пред некоја година, кога поради влажните подруми, водата од изворот со одвод се носи во одвод. Тогаш кај велешани остана горчлива дилема, дали двата јавора ќе преживеат. Засега тие не покажуваат дека им недостига вода.
Плоштадот во дамнина бил место за поење стока, за што сведочат двата стари јавори околу кои била водата. Сармаале името го добило од Срмале, место каде се собирала стоката. И овој дел, кој тогаш бил на периферијата од Велес, имало поило и два јавори, кои денес се едно од обележјата на градот, заедно со Градскиот саат, Железниот мост.
Tweet |