речник контакт

Старите апарати за дијализа во болницата шират хепатит Ц

Од 36 болни кои ја пречистуваат крвта, дури 33 се веќе заразени со смртоносниот вирус на хепатитис Ц, преку старите со децении апарати

Петар Печков

Постојните апарати за дијализа во велешката болница се заразени со хепатит Ц а бубрежно болните мора да седнат на нив за да се лекуваат.

Леле, вклучете ме на дијализа, ама да не се заразам со хепатитис Ц, многу ми е страв, вака вчера реагирала велешанка по алармот во јавноста дека условите во центарот за дијализа во велешката општа болница се опасни по живот - од 36 болни кои таму одат да ја пречистуваат крвта, дури 33 се веќе заразени со смртоносниот вирус на хепатитис Ц, преку апаратите. Еден од болните кој ја имал таа несреќа, освен од бубрези да заболи и од жолтица, излегувајќи од центарот резигнирано ни раскажуваше.

Три години сум на дијализа, а веќе се заразив со жолтица Ц. Kриво ми е, ама немам друг излез, не сакав да одам во Струга и морам да седнам на овие апарати, иако знам дека се инфицирани од другите пациенти. Излезот е само државата што побрзо да ја заживее трансплантацијата на органи, што нам би ни го сменило животот. Вака сме доживотно врзани за апаратите од кои, еве, се разболуваме и од други болести - вели Димче Kоцевски (55), кој е во инвалидска пензија.

Во Болницата  во Велес се случува апсурд: наместо да имаат најмалку заболени од хепатитис Ц, како што е во развиените земји, само тројца пациенти не се заразени со жолтица во велешкиот центар!

Тие се дијализираат на единствениот од 12-те апарати, кој е сместен во ќош, на само половина метар од останатите 11 апарати на кои се пречистува крвта на инфицираните со хепатитис Ц и Б! Стандардите диктираат болните кои се на дијализа да мора да бидат одделени од тие кои имаат жолтица и да се третираат на посебни апарати. Главниот пропуст бил направен при изградба на одделот, кога не била направена посебна просторија за дијализа на здравите лица, кои не се заразени со хепатитис Ц или Б.

Оттогаш пациентите го плаќаат данокот на негрижата при изградбата, но и потоа - бидејќи државата веќе цела деценија заборавила на овие болни, па не им ги подновила апаратите, кои често се расипуваат, дури и среде дијализа!

Kога ќе се расипе некој апарат среде дијализа, пациентот мора да го префрлиме на друг што најчесто веќе е заразен, па така се разболуваат и од хепатитис Ц. Тие влегуваат свесно во ризик да заболат и од оваа тешка болест, зашто не сакаат да бидат одделени со месеци од семејството и да одат во центарот во Струга. А апаратите се стари и се расипуваат, дури седум се стари и по 20-ина години, а биле во функција двојно повеќе отколку што е пропишано - наместо 25.000 работни часови, работеле и по 60.000 часови - објаснува д-р Марга Алчева, интернист, која 22 години работи на одделот за дијализа.

Но не се расипуваат само старите апарати. Од најновата ланска донација од една веледрогерија, едниот апарат веќе се расипал, а чарето не можел да го најде ниту мајсторот што го испратил производителот од Египет, кој пристигнал да го поправи.Со малку помалку работни часови од апаратите, стоички издржуваат осумте медицински сестри, кои, заедно со двете докторки, но без болничари, во две смени се грижат за болните, ги мијат дијализерите, но им носат и храна на пациентите. Главната сестра Роза Цветкова, со маска на лицето, го раскажува најстресниот момент што се случува при дијализа, кога откажува некој апарат.

Пациентите се во паника, не  пцујат прво нас, па апаратите, но што да правиме кога условите се такви. Или ги префрлуваме на друг апарат, но најчесто нема место, па ги презакажуваме за другиот ден - вели Цветкова.
Од 40-ина бубрежно болни во Велес, само еден пациент се подготвува за пресадување на бубрегот и тој е на терапија со лекот „пегасис“ , која чини 10.000 евра годишно, колку и еден нов апарат за дијализа.

Хепатитис Ц е хронично заболување од кое страда црниот дроб, а некои од болните подоцна добиваат рак. Најдобро е кога државата би овозможила на што повеќе здрави пациенти да им биде пресаден бубрег - вели д-р Алчева.

Фондот за здравство за една дијализа префрлува по околу 4.800 денари. Раководството на болницата во Велес сега преговара како да добие пари со кои би набавила нови дијализери. Директорот д-р Ванчо Граматов признава дека состојбата со апаратите е многу лоша.

Очекуваме со новиот буџет да можеме да купиме барем дел од апаратите. За 37 пациенти годишно се прават по 6.000 дијализи. Се подновивме со друга опрема, но не и со дијализери, кои последниве години се обезбедуваат само преку донации, а пред три години добивме два апарата од Министерството за здравство. За жал, само еден апарат остана чист, па на него ги вклучуваме новите болни - вели Граматов.   

АНКЕТА »

Како ви се допаѓа сообраќајното решение за улицата 8 септември од Сармаале до Коњаникот

Резултати

ПРИЈАТЕЛИ »