Петар Печков
Објавено: понеделник, 12 декември 2022
Стапи новиот возен ред на Македонски железници. И натаму Македонија е изолирана земја од соседите, нема меѓународни возови кон државите со кој сме поврзани со железница, ниту кон Грција, ниту кон Србија или кон Косово.
Новиот возен ред ќе важи следните 12 месеци, нема големи промени во времето на поаѓање во однос на претходниот. Останува да сообраќаат истиот број на патнички возови. Најмногу ги има на релацијата Скопје -Велес и обратно по девет, до Табановце возат четири пара, до Битола три, до Гевгелија два. За Кочани и Кичево патнички возови и натаму нема.
„При креирање на новиот Возен ред 2022/23 година, се водевме по следните приоритети: безбедно и непречено одвивање на сообраќајот, најкратко патување на патниците, рационално користење на средствата и персоналот и најмали трошоци во работењето земајќи ги во предвид обемот, потребите и интересот на патниците“ соопштија од МЖ Транспорт.
Фреквенција на сообраќајот на возовите е ограничена со бројот на употребливи возила, патничките возови или локомотиви. Во однос на меѓународниот сообраќај патнички возови кон Србија нема, бидејќи нивната железницата се уште работи на реконструкција на пругата на југот од земјата. Наспроти тоа товарните возови кои носат кинеска стока од Солун кон Будимпешта сообраќаат непречено. Грчката железница најавила дека следните две години не планира да реализира патнички сообраќај со Македонија, ниту кон Солун, ниту кон Лерин, иако пругата Битола - Лерин од македонска страна е готова.
Од година во година се намалува бројот на патнички линии во земјава а со тоа и бројот на превезени патници. Ако не така одамна, според Заводот за статистика во 2019 имало 549.062 патници, во 2020-та биле 253.058 а лани 252.218.
Министерот за транспорт и врски Благој Бочварски вели во Македонски железници се вложуваат и инвестира големи средства. Од друга страна нема вложување во нови возови и локомотиви, посочуваат железничарите. Постојните машини се стари и дотраени.
Годинава често се случуваше поради дефекти возовите да останат по пругите и да се патува со часови. Така до Битола се патуваше по 10 односно 8 часа, наспроти редот на возење кој е 3,5 часа. А за да се набави една локомотива потребна е процедура која трае најмалку две до две и пол година. Со ваква темпо на набавка, за неколку години, вработените во Македонски Железници и Транспорт и Инфраструктура стравуваат дека нема да има локомотиви кои ќе може да сообраќаат по пругите.
Tweet |