Петар Печков
Објавено: недела, 19 јуни 2011
Јубилејниот десетти фестивал на античка драма ,,Стоби,, годинава ќе биде организиран од граѓанска асоцијација, така реши локалната власт на Велес, која беше организатор изминатите девет години. На јавниот конкурс се јави едно здружение, кое ја доби организацијата и веќе ги започна подготовките. Здружение на граѓани ,,Фестивал на античка драма Стоби,, во кое влегуваат членовите на претходниот организационен одбор, ќе биде организаторот на фестивалот.
Ова е идеја која постои три четири години, здруженијата на граѓани да имаат делегирани надлежности врз културните манифестации и фестивалите. На овој начин се избегнува гломазната организација со вклучување на повеќе дополнителни институции. Сега имаме и полесна можност за наоѓање на спонзори. Во однос на посетеноста фестивалот ќе се отвори и кон останатите градови а годинава веќе е договорено да донесеме што повеќе публика од Скопје - Зоран Љутков извршен директор на здружението.
Канцеларијата на организаторот брои пет луѓе, кои сметаат дека се доволно за да го понесат товарот на фестивалот. Програмата ја составуваат домашниот и странскиот селектор и извесно дека ќе има повеќе претстави од странство, отколку од земјава.. Фестивалот ќе се одржи во втората половина на јули годинава, сигурно во амфитеатарот од античкиот локалитет Стоби. Но дали така ќе биде наредните години е неизвесно.
Велешкиот театар, кој беше застапен на сите изминати девет години, нема да настапи на годинешниот фестивал на античка драма ,,Стоби,, но ќе биде партнер, ќе дава техничка и логистичка поддршка. Иако оваа културна институција беше иницијатор и го заживеа фестивалот, играше наменски текстови, годинава нема соодветна претстава со антички драмски текст.
Откако постои фестивалот велешкиот театар постојано беше учесник. Бесмислена е моралната обврска на театарот дека мора секоја година да создава таква претстава и годинава нема да учествуваме – изјави Васил Зафирчев, уметнички директор на велешкиот театар Јордан Хаџи Константинов Џинот. Но затоа е извесно дека публиката ќе го види Зафирчев како актер, бидејќи тој е гостин во претставата ,,Електра,, на Истарско Народно Казалиште од Пула, која е сигурен учесник на фестивалот.
Tweet |