речник контакт

Сточарите од велешко најавуваат протести поради ниската откупна цена на јагнето

Велат дека откуп нема, освен во изолирани случаи. Не памтат дека еден килограм грав или домат бил колку еден килограм јагне жива мера

Петар Печков

Сточарите  од велешко се револтирани од годишниот откуп на јагнињата.  Тие денес  се собраа за да реагираат на откупната цена но и како што велат негрижата која ја покажува државата.   Им дадоа рок до петок, ако не добијат одговор какви мерки државата ќе преземе за нивна заштита, најавија дека со јагнињата и овците ќе блокираат патишта а млекото ќе го истурат.  Ниту знаат  дали има или не  откуп.

 Со месеци реагираме а проблемите се уште постојат и не се решени.  Прво е што откупувачите не го откупуваат јагнето, ќе го откупувале после први април. Тогаш тоа овца ќе стане, доцна е.  Има некои изолирани случаи да се откупи од некој сточар мало количество  на живо јагне.  Во тие случаи се откупува по 120 до 130 денари. Ние бараме разликата до производната цена која ја одреди Министерството за земјоделие а пресметале дека е 185 денари, таа разлика државата да  ни  ја исплаќа. Бараме од Министерството за земјоделие да излезат и јавно да кажат кои мерки ќе ги преземат за да имаме нормален откуп на јагниња. Додека ние сточарите се бориме да стоката остане, веќе има случаи на масовна продажба на овците, што води кон одумирање на оваа гранка   - кажа Митко Јанков  сточар од велешко.

За недела дена само од велешко биле продадени стадо од 600 овци и повеќето сточари  сакаат и нивното стадо да го продадат.  Тие реагираат и на годинашнава ниска откупна цена на овчото млеко. 

По затворањето на Здравје  од Радово падна и цената на овчото млеко. Лани беше 40 денари за литар сега е 35 денари Порано се знаеше беше два литра кравјо еден литар овчо денес кравјото е 28 денари.  А ниту цената на овчото сирење и кашкавал во продавницата не е намалена. Исто е и со овчото месо во месарница тоа и натаму е 320 до 350 денари а откупната е далеку од ланските - додаде Јанков. 

За да се одгледа јагне од 20 кг. потребни  70 дена. Само за храна секој ден по 40 денари без  трошоци за витамини, ветеринар , јагнето  чини три илјади денари. Ако го продадеме по 130 денари добиваме 2,6 илјади или сме во загуба. Да не ги ставаме трошоците за овчар кои се минимум петстотини евра и каде е заработувачка за нас. Сточарството е во колапс, приморани сме да ги продаваме овците, волната со години ја немаме продадено. Ако една држава остане без овци, ќе нема млеко, ќе нема јагне, ќе мора да увезува - кажа  Маре Маневска сточар  од Чашка. Таа посочи пример дека соседна Србија пласман на нејзиното јагне нашла во Израел а соседна Грција која до пред некоја година беше еден од најголемите купувачи на македонското јагне, со помош на државата стана извозник. 

Колку падна  цената на јагнето ќе илустрирам дека на пазар килограм домати или грав  е колку килограм живо јагне. Ова е незапаметено  бидејќи цената на јагнето била околу 180 денари.  Се сомневаме во договор на откупувачите - рече Идриз Шемседини од село Клуковец.   Сточарите се оградуваат дека политички се мотивирани и потсетуваат дека во 2017-та исто така блокираа патишта. 

Пред две седмици Министерот за земјоделие Љупчо Николовски имаше средба со сточарите од велешко. На нивното барање за државата да ја субвенционира разликата од откупната до производната цена на јагнето тој кажа ,, со директорот на Платежната агенција ќе видам каква се можностите со средства, ќе ја скенираме состојбата,,. 

АНКЕТА »

Како ви се допаѓа сообраќајното решение за улицата 8 септември од Сармаале до Коњаникот

Резултати

ПРИЈАТЕЛИ »