речник контакт

Стојанов и натаму го нема, киднаперите ќе одговараат за грабнување

Икао минаа безмалку четири месеци од исчезнувањето на Ангел Стојанов Опашот, него го нема, па обвинителството ќе ги гони обвинетите татко и син за грабнување

Петар Печков

Велешкото јавно обвинителство поднесе обвинение против таткото и синот  за киднапирање  на Ангел Стојанов иако од киднапираниот нема ни трага ни глас, а е многу веројатно дека бил ликвидиран. Ако не се пронајде доказ дека тој бил убиен, двајцата ќе се гонат само за киднапирање, за што е предвидена пониска казна отколку за убиство. Судскиот процес двајцата обвинети ќе го дочекаат во притвор, каде се сместени откако биле уапсени.

Ангел Стојанов се води како исчезнат од 7 март годинава, а сведоците тврдат дека е претепан и потоа ставен во багажникот од автомобил со грчки регистарски таблички

Времето минува, а јас на секои два дена одам во полиција и во судот да барам информации. Го добивам секогаш одговорот дека истрагата е во тек. Син ми се води како исчезнат, а од него нема ни трага ни глас. Телото го нема. Тој е убиен од соседите. Со овие зборови и со солзи во очите велешанката Весна Стојанова раскажува за трагедијата што го снашла нејзиното семејство.

Нејзиниот син Ангел Стојанов (25), познат под прекарот Опашот, пред три месеци бил киднапиран и од тогаш му се губи секаква трага. Дали е жив или мртов, никој не знае, но семејството се сомнева дека е убиен. Сепак без директен доказ - телото, овие сомнежи не може да се потврдат.

 Синот го убиле наши соседи. Ова ни го кажуваат очевидци, кои гледале како тие го тепаат и како го ставаат во багажникот од автомобилот. Тие нека кажат каде го скриле телото - низ солзи вели мајката.


Ангел се води како исчезнат од 7 март, кога последен пат е виден на паркингот пред маркетот „Туш“. Сведоците тврдат дека е претепан и потоа ставен во багажникот од автомобил со грчки регистарски таблички.

За киднапирање засега се осомничени таткото и синот П.Н. и Б.Н.. Тие го пресретнале Стојанов и физички го нападнале. Двајцата се во притвор, но нови моменти во истрагата нема. Откако Стојанов бил совладан и претепан, бил ставен во багажниот од автомобилот, по што напаѓачите го напуштиле местото.

Не е познато каде е оставен киднапираниот Ангел, но се знае дека автомобилот со кој е грабнат е испран и исчистен од евентуалните докази - крв, облека и ДНK-траги. Според полицијата, причина за киднапирањето е меѓусебно нетрпение.

За време на истрагата таткото тврдел дека тој го извршил делото со некој Грк, чие име не го знаел. Тие дошле до чешмата кај сливот на Бабуна, по што кога го отворил багажникот да го пушти Ангел, Гркот го удрил со нога по телото и рекол дека тој ќе се погрижи за Ангел. Го затворил багажникот ја одвезол колата и по некое време се вратил, но не кажал што направил со Ангел и каде е тој. Заедно се вратиле за Велес, по што Гркот ја напуштил земјава.


Токму затоа П.Н. пред истражните органи тврдел дека не знае каде е и што се случило со Стојанов. Рекол дека неговиот син не бил вклучен во овој инцидент. Наспроти ова тврдење се многуте сведоци на инцидентот, кои сведочеле дека таткото и синот го грабнале Стојанов.

Родителите на исчезнатиот се сомневаат дека двајцата притворени некогаш ќе признаат дека го ликвидирале Ангел. Причината е едноставна, за киднапирање им следува многу помала казна отколку за убиство.

Семејството вели дека тие се можните сторители бидејќи пријавиле опожарување на патнички автомобил во декември лани. За овој случај полицијата го осомничила токму исчезнатиот Ангел Стојанов.

АНКЕТА »

На што се греете зимава?

Резултати

ПРИЈАТЕЛИ »