речник контакт

Странци и по некој домашен планинар во Азот

И ова лето во срцето на Македонија, во регионот на Азот бројни туристи го минуваат годишниот одмор.

Петар Печков

И ова лето во срцето на Македонија, во регионот на Азот бројни туристи го минуваат годишниот одмор. Наместо покрај вода, тие се решиле неколку дена да минат во еколошки чиста средина, далеку од градската бучава, во недопрена природа. Планинарските домови Чеплес, Папрадиште, хотелот во Богомила се преполни со гости, но изненадува што повеќе има од странство отколку од земјава. Домаќините велат дека гости има од Словенија, Хрватска, Србија, Холандија, Словачка, Полска, Франција, Чешка а помалку од Македонија.

\"\"

- Ова е убава вест за нас домаќините, дека странците сакаат да дојдат, но жално е што ние не ги познаваме доволно нашите природни убавини. Секој викенд домот во Папрадиште е преполн со гости, се бара кревет повеќе но не сме во можност да ги примиме сите. Добро е што во близина е домот на Чеплес па таму продолжуваат, има каде да се сместат во планината. Не е убаво некој да мине толку пат а да нема каде да се одмори - вели Игор Смилев од ЕГ Зелена сила, кој стопанисува со домот во ова село. На час пеш одење до него е домот Чеплес, кој се реновира за да ги задоволи зголемените барања на посетителите. Во него ќе има и интернет, двокреветни соби со сопствено купатило. За убавината што оттука може да се доживее можат да зборуваат бројните странски гости, кои знаат повеќе за него отколку домашните.

\"\"

- Малкумина се странски дипломат кои престојуваaт во Македонија а не го посетиле овој објект. Како голем вљубеник во него, поранешниот американски амбасадаор Лоренс Батлер со сопствени средства учествува во неговото подновување – велат од ПД Солинска Глава кое стопанисува со објектот. Највисок квалитет нуди хотелот во Богомила кој располага и со ресторан, сателитска програма и интернет.Бројот на странските гости од пред некој месец драстично се зголеми со отврањето на преноќиште во селото Лисиче, каде секој викенд доаѓаат стотици грчки ловџии.

\"\"

- Живна селото откако грците почнаа да идат на лов. Тие имаат можност за малку пари да уловат дива свиња, заек или еребица, фазан. Трошат и некое евро па така сите имаме корист од нив – велат жителите на село Лисиче. Некои пак се жалат што ловџиските кучиња има лаеле преку ноќ па неможеле да спијат, а другите пак се чудат како овие што се реагираат распознаваат кои кучиња лаат, грчките или домашните. Доаѓањето на туристите има позитивно влијание на општината а градоначалникот на Чашка најавува офанзива за привлекување на повеќе гости.

\"\"

- Ако лани имавме 20 илјади ноќевања годинава очекувам за десет отсто повеќе. Штом имаме повеќе странци отколку наши гости, тогаш ќе започнеме рекламна капмања да ги привлечеме викенд туристите од земјава со снимање на спот. За да ги задоволима нивните барања ќе сториме се да ги отвориме и подзаборавенте домови во селата Ораов Дол и Мокрени. Несфатливо  е како нивните стопани можат да си ги земат клучевите од објекти и ги чуваат во Велес или во некое неготинско село – вели Горан Пановски градоначалник на Чашка. Општината за овие два објекта има имотен лист дека се нејзина сопственост и најавува дека наскоро тие ќе бидат отворени. Посебен импулс за развој на туризмот се  очекува од Хотелот во Горно Врановци, кој со одлука на Владата и е даден на стопанисување на општината. Тој пред неколку години беше одземен од АД Киро Ќучук поради тоа што не го пријавил во делбениот биланс па сега локалната власт во Чашка  го доби на располагање. Има 160 легла и неколку сали а во селото се петте спомен куќи од времето на НОВ, кои се одлично сочувани. Во Мотелот преку лето доаѓаа иселениците од овој крај, кој сега живеат во Турција, со што се отвара можноста тие пак на кратко да се вратат во родниот крај. Регионот на Азот има 42 манастири а развојот на овој туризам се темели на одличните објекти во Теово, Согле, Степанци кои ќе привлечат бројни туристи. Единствената маана што посетителите ја имаа, дека во третата по површина општина во Македонија, нема бензиска пумпа, локалната власт најавува дека наскоро и овој проблем ќе биде решен.

АНКЕТА »

Како ви се допаѓа сообраќајното решение за улицата 8 септември од Сармаале до Коњаникот

Резултати

ПРИЈАТЕЛИ »