Петар Печков
Објавено: понеделник, 29 август 2011
Најавите за добра откупна цена и сигурен откуп не ги развеселија велешките тутунари. Годинава тие ја почувствуваа снагата на природата, па сушата им го преполови родот, што одамна се нема случено. Бербата е при крај а добри вести од полињата нема. Дожд нема паднато од 5-ти јули.
Високите температури го пеплосаат тутунот. Бадијата работевме толку време, толку труд и пари вложивме а резултатот е никаков. Ако по поделам на три купчиња, само едното нешто вреди другите две можат да ги фрлам. Ете толку од годинашнава реколта - вели Али Зејнелов жител на селото Сливник.
Слична е состојбата и во соседното Бузалково. Во овие две села, каде живее албанско население сите куќи одгледуваат тутун и тој им е единствена егзистенција. Но годинава природата им го заврти грбот, па сушата го преполови родот. Слична е состојбата и во Чашка и околните села, исто така голем земјоделски центар за одгледување на тутун.
Листот е лесен, нема тежина, што оти сме набрале кога нема да има ни петстотини кила. Целото семејство работевме а нема ни парите да ги вратиме што ги вложивме. Два месеци капка нема паднато. Не можеме да очекуваме чудо. Вака не помнам дека било последните 25 години – вели земјоделец од селото Еловец, општина Чашка. На другиот крај од велешко, во околината на езерото Младост, и покрај водата, тутунот остана жеден.
Земјата испука од сушата. Нема водоводен систем иако езерото е блиску до нас. Ако до лани берев по еден тон, годинава едвај ќе соберам тристотини килограми тутун. Лошо, многу лош е – вели Звонко Ивановски земјоделец од селото Сујаклари, кои заедно со соседите од Иванковци, Кумарино и Мамутчево каде тутунот, заедно со пченицата е основа за живеење на бројните фамилии.
Годинава во велешко тутунот беше засаден на 900 хектари и се очекуваше дека ќе има род од 1,2 илјади тони. Но пресметките на стручњаците се дека ќе има помалку род за 400 тони. Малку од тутунот што е покрај Тополка и Бабуна е спасен, но затоа поголемиот дел од површините е далеку од реките, но и од можноста сопствениците да склучат договор со Хидро - системот ,,Лисиче,, за да користат вода од него за поливање.
Tweet |