речник контакт

Сушата предизвика реката Бабуна да пресуши во нејзиниот долен тек (фото)

Ваква е состојбата повеќе од еден месец

Петар Печков

Реката  Бабуна е пресушена, во нејзиниот долен дел. Вода во коритото нема ниту во локалитетот Пешти и Макаревац, омилени излетнички места на велешани.  Реката која има должина од 65 км. е пресушена уште кај Војнички мост, во средишниот дел. Ваква е состојбата еден месец. Вода во овој дел  има во  некој вир.

„Сушна година, жално, нема вода, нема риби. Но  некои соседи кои имаат бавчи покрај реката, повисоко од ова место, ја вртат водата кон нив и придонесоа да пресуши. Се уништи и рибниот фонд и растителниот свет“ - вели жител на селото Војница.

Периодот од три месеци без врнежи придонесоа и на мала издашност на изворите на реката Бабуна, во пазувите на планината Јакупица. И омиленото излетничко место, водопадот на реката Бабуна не  е така атрактивен, оти има малку вода.  Реката Бабуна пресуши во 2017-та година, исто така при крајот на месец август и почетокот на септември.

Како концесионер на рибниот фонд на река „Бабуна“, Здружението на спортски риболовци од Велес, за ваквата состојба, пресушувањето на реката Бабуна во поголем дел од нејзиниот тек, пријавило до Државниот инспекторат за животна средина.  Тие излегле на терен и констатирале дека  пресушувањето не е предизвикано од човечки фактор и или од негови активности.

„Во самото речно корито, узводно и низводно на локацијата околу Војнички мост, не постојат изградени објекти и постројки со кои се врши преградување на речното корито- зафатни градби- брани, за да се зафаќа и користи водата од реката, а за кои градби се предвидува дозвола за користење води согласно Закон за водите“ - констатирале од ДИЖС.  

Затоа тие заклучиле дека причината се  неповолните хидрометеоролошки и временски услови кои владеат во земјава, долг период без врнежи и екстремно високите температури, , како и користењето на водата за полевање на засадените градинарски култури од страна на локалното население.

АНКЕТА »

Како ви се допаѓа сообраќајното решение за улицата 8 септември од Сармаале до Коњаникот

Резултати

ПРИЈАТЕЛИ »