речник контакт

Тажна приказна за бегалците, наместо риби од морето вадевме луѓе

По петок, кога се објави добитникот на Нобеловата награда за мир, ќе продолжат да паѓаат бомби, а луѓето и понатаму ќе умираат. Приказната е од соседството од Грција од островот Лезбос

Петар Печков

Со месеци грчкиот рибар, Стратис Валамиос, излегуваше со својот брод на отворено море, но наместо риби, од морето вадеше луѓе. Секој ден гумените чамци преполнети со бегалци и мигранти, се обидуваа да го преминат краткиот, но многу опасен  морски премин меѓу Турција и Грција. Дури и во зима, кога ветриштата подивуваат, а морето беснее.

„Изгледаше како воена зона“, вели Валамиос, кој заедно со локалните жители од приморското селце Скала Сикаминас на островото Лезбос се номинирани за Нобеловата награда за мир. „Имаше повредени и мртви. Дечињата ни умираа на рацете“, продолжува рибарот.

Никој не знае колку луѓе спасија Валамиос и неговите соселани. Сигурно повеќе стотини.

Лезбос е трет по големина  грчки остров кој се наоѓа на четири милји од турскиот брег. Околу 800.000 бегалци од војните на Блискиот Исток само минатата година стигнаа на островот.

Грчката академија ги номинираше Валмос заедно со останатите локални жители на Лезбос за  Нобеловата награда за мир. Избрани се симболички да ги претставуваат сите грчки волонтери кои им помагаа на бегалците.

„Замислете дека сте овде и гледате во мртви тела од деца на брегот. Или да спасите татко чие дете се удавило. Или дете чија мајка се удавила“, вели Валамиос, кој ја раскажа трагичната судбина на една мајка која ги изгуби двете деца. Едното дете морето го исфрлило на брегот на Турција, а другото во Грција.

Сега тие денови се минато, затоа што од месец март Европската Унија склучи договор со Турција за затворање на оваа рута. Затоа и животот во ова живописно приморско место  продолжи со својот вообичаен, мирен тек. Поплочениот главен плоштад, некогаш преполн со грчки и странски волонтери, сега е исполнет само со звуци од галеби и брановите што удираат во карпите. 

Брегот што до неодамна имал портокалова боја од стотиците исфрлени појаси за спасување е исчистен. Дури и сега, кога Валамиос и останатите испловуваат на морето, по автоматизам се загледуваат во далечините, барајќи знаци на бродови кои се во неволја.

„Овој остров го заслужува признанието“, вели 63-годишниот Танасис Мармаринос, додека ја крпи својата рибарска мрежа на пристаништето. Но, лично нему Нобел не му е важен. „Задоволен сум од она што го направив, им помагав на луѓето. Сè друго, дури и Нобел, не е важно.“

Подолу во улицата живее 86-годишната Емилија Камвиси, ќерка на грчки бегалец кој во 1922 година побегнал пред прогонот од Турција. И покрај својата возраст, и таа им помагала на бегалците. Не можела поинаку, вели таа, познавајќи ја сличната судбина на своето семејство. „Сега можам да умрам со чиста совест“, рекла Камвиси.

За Валамиос, Мармаринос, баба Емилија и останатите од селото, малку нешта ќе се изменат со добивањето на најпрестижната светска награда. „Во петок, кога ќе се објават добитниците на Нобеловата награда, сè уште ќе паѓаат бомби, а луѓето и понатаму ќе умираат“, вели Валамиос.

АНКЕТА »

Како ви се допаѓа сообраќајното решение за улицата 8 септември од Сармаале до Коњаникот

Резултати

ПРИЈАТЕЛИ »