Петар Печков
Објавено: четврток, 08 мај 2014
Во сабота вечер во 20 часот во велешкиот театар премиерно ќе биде прикажана комедијата ,,Тартиф,, на Молиер, која своевремено при крајот на 17-ти век во Франција била забранета. Ова е прва премиера од годинашнава продукција на театарот ,,Јордан Хаџи Константинов Џинот,, кој очекува и најавува дека претставата ќе има долг век кај публиката.
Решивме од повеќето дела на Молиер да го поставиме Тартиф поради неговиот шарм, убавина, современото значење на темата Неговите дела се на репертоарот на секој сериозен театар во светот. Ќе понудиме претстава која ќе биде гледана и препознатлива и која е базирана на добрите традиции на француската драматургија – најави директорот Јордан Витанов.
Жан Батист Молиер Поклен е игран повеќе пати во велешки театар со Дон Жуан,, „Жорж Данден“, „Скржавец“ и „Учените жени“. Режисерот Никола Ристов во велешкиот театар досега ги има поставено Мушичка, Нора, Бетија, претстави кои имаа долг век кај публиката и беа добри прифатени.
Тартиф е голем предизвик за работа. Оставивме голем дел од себе во неа. Претставата се базира на желбата, потребата на некои луѓе да го градат својот авторитет врз другите. Така и тука цела куќа, семејство се лица кои се обидуваат да се наметнуваат еден врз друг. Таа борба доведува до интересни случки кои сите ги префрлаат на Тартиф – вели режисерот Ристов.
Актерската екипа ја сочинуваат Јордан Витанов, Кети Борисовска, Слободанка Чичевска, Александар Велјановски, Марија Стефановска, Жарко Спасевски, Самиол Стојановски, Зорица Панчиќ, Александар Ѓоргиев, Фаик Мефаилоски, Спасе Петрушев. Актерот Зоран Љутков од Драмски театар, како гостин настапува во претставата толкувајќи ја главната улога.
Ова е значајна задача, улога за било кој актер и секој сака да ја има во својата биографија. Ние овде направивме нешто што покажува од граѓански аспект, моралот со кој и денес се соочуваме, со лицемерието, расипаноста. Нешто што денес ни е вообичаено. Повеќе акцент ставивме на човечки аспект. Такви интриги има на секое ќоше – додава Љутков.
Тој досега два пати има соработувано со режисерот Ристов а претставите беа хит кај публиката, Мушичка и Бетија. Сценографијата е на Филип Коруновски, костимите на Александра Крнинова Груев а музиката напишана специјално за претставата е на Сашко Костов.
Tweet |