Петар Печков
Објавено: понеделник, 24 декември 2012
Тензиите од пред и во Парламентот се пренесоа и во Велес. Утрото час и половина беше блокиран автопатот Велес – Скопје од страна на приврзаниците на опозицијата. Тие не дозволија сообраќај, револтирани оти имало селективност при пропуштањето на автобусите кон Скопје.
Сообраќајната полиција на автобусите кои носеа претставници на опозицијата на протест во Скопје, им нареди да одат на вонреден технички преглед. Автобусите со ,,контрапротестантите,, продолжуваа за Скопје. Од каде и како знаеше полицијата кого да пушти а кого да сопре. Ова е невиден срам – велеа велешани кои ја поддржуваат опозицијата.
Час и половина траеше протестот и откако нивните автобуси стигнаа, сообраќајот се нормализираше. Откако со нивните поддржувачи заминаа за Скопје, советниците од СДСМ не присуствуваа на седницата на општинскиот Совет каде беше донесен локалниот Буџет тежок 815 милиони денари.
Срамно е што колегите од СДСМ не дојдоа на оваа седница, ниту пак кажаа зошто отсуствуваат. Ете ова е нивната грижа кон граѓаните на општината, за која постојано зборуваат. Се носи Буџетот во Велес а тие тргнаа да со спасуваат Бранко Црвенковски во Скопје – рече Александар Колев сoветник од ВМРО-ДПММЕ.
И додека локалните советници дискутираа во салата, пред зградата на општината се собраа стотина протестанти. Тие се жалеа на скапиот живот и ниската социјална помош.
Бараме да се покачи социјалната помош, со две илјади денари не се гледа семејство. Имаме неплатени сметки за струја, вода, бараме да ни се простат. Кога работевме плаќавме, сега сите сме на улица до каде пари – рекоа протестантите, кои нивниот марш го завршија пред зградата на велешка ЕВН.
Од СДСМ ја прашаа власта,, зошто во градот денес ги немаше времено ангажираните лица како чистачи на смет во ЈКП Дервен и како се случи тие, како и многу други партиски вработени, да завршат на контрапротестите во Скопје,, . На ова прашање Колев упати до надлежните во институциите од каде отсуствувале лицата , тие да дадат одговор каде им се вработените.
Tweet |