Петар Печков
Објавено: среда, 01 јуни 2016
Првите магистранти на Техничко-технолошкиот факултет од Велес ги добија нивните дипломи. Тоа се четири жени, кои одлучиле да го надградат сопственото знаење. Соња Елискова, Љубинка Чанева од Велес, Розида Јакимовска Јордановска од Прилеп и Везире Старова од Скопје на свеченост во просториите на факултетот од страна на деканот Валентина Павлова се првите четири магистранти. Тие завршија безбедност на храна и нутриционизам.
Нашето истражување покажува дека на пазарот во земјава се потребни овие профили на завршени студенти и магистранти. Така факултетот го продолжува и надградува својот развој. Нашите завршени студенти не се само за контрола на квалитет на храна туку и за развој на нов производ. Насоката нутриционизам која е едиствена во земјава, дава можност завршените да можат да создаваат мени во детските градинки, старечки домови за секое лице поединечно - изјави деканот Валентина Павлова. Меѓу тие што го добија ова звање магистрант е и докторка од Прилеп, која е педијатар во примарното здравство.
Триесет години работам во превентива и работам со школската популација. Кога ги гледам децата како се гојазни, подебели, решив да го надополнам знењето и да им помогна.м Тие се нашата иднина и чекав да се отвори ваква насока за да можам на децата да им помогнам со моите совети. Учев со голем ентиузијазам, елан, одрекување , труд и читање. Но најважна е волјата и желбата - изјави д-р Розида Јакимовска Јордановска од Прилеп, која работи во детска превентива и систематски прегледи при ЈЗУ Здравстен дом Прилеп. Титула магистер доби и велешанката Соња Елисковска, која во јули 2012-та ја доби и првата диплома на овој факултет.
Истовремено беше промовирана и четвртата генерација на дипломирани 53 студенти, кои посетуваа настава четири студиски години. Тие се здобија со звање дипломиран технолог инжинер насока прехрамбена технологија и биотехнологија на насоката нутриционизам. Факултетот има дисперзирана настава во Кичево и Битола. Техничко-технолошкиот факултет од Велес кој работи при Универзитетот Св. Климент Охридски од Битола, започна со работа од 2008-та година. Новина е што од есен на овој факултет ќе можат да се запишуваат и студенти на докторски студии.
Tweet |