Петар Печков
Објавено: вторник, 14 ноември 2023
Железничкиот патнички сообраќај во земјава е во сериозни проблеми. Функционира ама со големи тешкотии. Откако утрово беше прекинат неколку дневниот штрајк за неисплатени патни трошоци, единствениот патнички воз за Битола не сообраќа а од попладнево патничкиот сообраќај кон Гевгелија се одвива комбинирано, со воз и со автобус, поради проблеми со железничкиот мост на реката Црна кај Стоби.
„Констатирано е нарушување на стабилноста на железничкиот мост над река Црна, кај локалитет Стоби. Поради ова патничките возови од и кон Гевгелија ќе сообраќаат со комбиниран превоз. Од стојалиште Стоби до станица Кукуречани и обратно, патниците ќе бидат префрлени со автобус а потоа ќе продолжуваат со патнички воз. Што се однесува на возот за Битола, кој е еден и оди и се враќа, тој од утрово не сообраќа, бидејќи локомотивата е расипана. Дали ќе тргне утре, задутре, за колку дена не може да се прецизира“ - кажа вработен во раководството на Македонски железници.
Железничкиот мост над Црна, кај Стоби попушти и во октомври 2018 година, кога од 2 октомври до 8 ноември, 40 дена не беше во функција.
Прекинот на сообраќајот на железничкиот мост над река Црна ќе биде сериозен финансиски удар за железницата, бидејќи не ќе може да функционира товарниот сообраќај, како за Македонија, така и за Србија и Унгарија. Стоката од Солунското пристаниште за средна Европа ќе користи алтернативен железнички превоз преку Бугарија.
Со прекинот на железничкиот сообраќај од Солун за Скопје, најголем удар ќе има МЖ Инфраструктура бидејќи од превозот на кинеската стока, со по неколку товарни воза секојдневно од Солун за европските метрополи, ќе се одлее голема девизна заработувачка. Тешкотии ќе има и за превозот на нафтените деривати за македонските увозници, бидејќи тие ќе може да се достават само до Криволак или Неготино.
Пресметката на раководството на МЖ Инфраструктура пред четири години беше дека секојдневно поради прекинот на товарниот железнички сообраќај губат 28 илјади евра а загуби бележи и македонското стопанство поради отежнатиот транспорт. Грубата пресметка за тој период, беше дека загубата на двете компании МЖ Инфраструктура и МЖ Транспорт е околу 1,2 милиони евра.
Tweet |