Петар Печков
Објавено: сабота, 03 декември 2011
Главниот град на Јапонија, Токио го воодушевува секој кој за прв пат ќе дојде, со редот и чистотата насекаде во градот.
Од самото пристигнување на аеродромот Нарита, еден од двата аеродроми во близина на главниот град на Јапонија, турист не може а да не го забележи редот кој мора да се почитува на секој чекор.
Секој странец кога ќе пристигне во Јапонија забележува дека Јапонците се придржуваат до правилата во својата земја, меѓу кои е стоење на левата страна на подвижни скали, за да можат тие што брзаат да поминат од десна страна. Само по некој странец може привремено да го наруши овој ред, но набрзо и тој сфаќа дека треба да застане на левата страна.
Веднаш потоа се забележува дека на аеродромот, на кој слетуваат над стотина авиони и на кој има голема турканица, нема врева туку владее мир, за разлика од многу аеродроми во Европа и САД.
При поминувањето на пасошката контрола патниците се должни да остават отпечаток од десниот и левиот показалец и да се фотографираат, а на царина предаваат пополнет формулар за стоката која ја внесуваат, т.е. потпишуваат дека немаат ништо за царинење. Таа процедура исто така не е вообичаена во другите земји.
Веднаш паѓа во очи и чистотата на секој чекор. И покрај големиот број патници на аеродромот Нарита подот е целосно чист и на него не може да се види ни парче хартија, догорче од цигари или мастика.
Од аеродромот Нарита до Токио туристите имаат можност да видат дека има ред и на патиштата и дека сите ги почитуваат правилата возејќи од лева страна.
Ни на автопат не е можно да се види каков било смет на самиот пат или покрај него – лентите како да се исчистени од секое зрно песок и прашина.
Исто како на автопатиштата така и во самиот град може да се ужива во новите автомобили кои се чисти. Речиси е невозможно да се наиде на две исти возила, сите се различни иако се од ист производител. Јапонците возилата ги менуваат на неколку години, бидејќи тоа им е овозможено од разни поволности околу даноците и осигурувањето.
Во самиот град, иако има многу луѓе како во мравјалник, не може да се види неред, претрчување преку улица каде што нема пешачки премин или на црвено светло. На секое ќоше има корпи за отпадоци, но не една туку повеќе бидејќи Јапонците и на улица го сортираат својот отпад.
Токио е град со високи згради кои од височина изгледаат како лего коцки, кои се наредени на еден простор. Многу се ретки двокатниците, а уште поретки се малите куќи. Зградите се обидуваат да го допрат небото.
Инаку, Токио е метропола која се состои од 26 градови, шест градчиња и осум села, кои со текот на вековите се споиле во еден регион кој се простира на 2.000 квадратни километри, па опфаќа дури два ланци на острови кои се протегаат до 185 километри од центарот на градот.
Токио е поделен на 23 општини кои имаат свои градоначалници и своја управа, а пошироко градот опфаќа и четири национални паркови.
Иако многумина сметаат дека град со најмногу жители во светот е Мексико Сити, рекордер е Токио за кој велат дека има над 40 милиони жители, кои поседуваат дури 15 милиони автомобили.
Токио има и дел од градот кој е познат по продавници, ресторани и ноќни клубови, но за високите класи, а се вика Гинза, кој по големиот земјотрес во 1923 година е претворен во трговски кварт. Потоа постои и Акихабара дел од градот кој потсетува на пазар, но од научно фантастичните филмови, бидејќи во него се продаваат најнови технички уреди од секаков вид.
Во големите продавници се наоѓаат изложени производи, а пред речиси секој рафт има најмалку еден продавач, кој како на пазар, го привлекува вниманието на муштериите со гласно рекламирање на своите артикли.
Кога се работи за градскиот сообраќај Токио има девет линии на подземна железница која ги поврзува сите делови на градот.
Исто така се забележува дека речиси целиот град е под надвозници на кои се наоѓа автопат или железничка пруга, за да може на тлото се да функционира беспрекорно и да нема голем застој.
Јапонците во Токио живеат претежно во мали станови од 15 до 35 метри квадратни, а на странците можат да им се причинат мали и рестораните и кафулињата.
Инаку највисока градба во Токио е Токио тауер која има ресторани на 150 и 250 метри височина, а се вели дека е повисока од Ајфеловата кула.
репортажата за Токио е преземена од Вести - Белград
Tweet |