Петар Печков
Објавено: среда, 27 февруари 2019
Големата петочна гужва пред Основен суд Велес, дури денес среда беше разјаснета. Бил уапсен Тони Кечев викан Манџа од Гевгелија, заради две кривични дела, разбојништво и недозволено изработување, држење, посредување и тргување со оружје или распрскувачки материи. ОЈО Велес побарало, поради опасноста од бегство на осомничениот и можноста да ги повтори кривичните дела, од судијата на претходна постапка на Основниот суд Велес да се определи мерка притвор. Предлогот е прифатен и на осомничениот му е определена мерка притвор во траење од 30 дена.
Јавното обвинителство информираше дека осомничениот во временскиот период од 12.10.2018 година до 22.02.2019 година неовластено држел преправено огнено оружје кое на граѓаните им е забрането и тоа ловечка пушка Збројовка Брно со кал.16 мм. и 8 ловечки куршуми со кал. 16 мм. На пушката претходно биле извршени механички интервенции со кои и се скратени цевките и кундакот.
Со ова оружје осомничениот на 9 јануари околу 02.40 часот отишол во казино во Гевгелија каде откако влегол преку споредниот влез маскиран со качулка на главата го вперил оружјето кон касиерот. При тоа осомничениот од фиоката која се наоѓала на работното биро и од касата ги одзел парите кои се наоѓале внатре во вкупен износ од 150.000,00 денари во различни апоени, истите ги ставил во најлонско кесе и преку споредниот влез излегол од касиното и заминал.
МВР со нивна информација за апсењето и притворот на Тони манџа. Секторот за внатрешни работи Струмица - Надворешна канцеларија за криминалистички работи Гевгелија, до Основното јавно обвинителство во Велес, поднесе кривична пријава против Т.К.(40) од Гевгелија поради постоење на основано сомневање дека сторил кривично дело „разбојништво“ и „недозволено изработување, држење и тргување со оружје или распрскувачки материи“. Имено, на 09.01.2019 околу 02.40 часот во електронско казино во Гевгелија пријавениот со ловечка пушка марка „Брно“ упатил закана кон вработениот и противправно одзел околу 150.000,оо денари. На 22.02.2019 во 05.30 часот во непосредна близина на сервис кај село Мрзенци, од страна на полициски службеници пријавениот е лишен од слобода и кај него биле пронајдени пари, цигари, кои потекнуваат од извршена тешка кражба во маркет во село Негорци и ловечката пушка. На 22.02.2019, врз основа на судска наредба, полициски службеици извршиле претрес во станот и помошните простории во кои живее и престојува пријавениот, при што биле пронајдени предмети кои потекнуваат од други кривични дела и тоа: четири кражби од продавници и три кражби во куќи, за кои дополнително ќе бидат процесуирани кривични пријави.
Тони Кечев викан Манџа во велешкиот суд за разбојништво над грк во 2010 доби 10 години затвор. Претходно за двојно убиство 1998- година доби 15 години затвор.
фото:архива ТрМр
Tweet |