Петар Печков
Објавено: четврток, 30 мај 2019
На голиот ѕид под Градскиот саат, неколку дена велешани ги пречекува сцена од вестерн класиката ,,Точно на пладне,, и актерот Гари Купер како шерифот Вил Кејн, за што беше награден со Оскар во 1953-та. Муралот е дело на стрип цртачите од Стрип центарот на Македонија, со кој тие на урбан начин го доловуваат стрипот како уметност, но и ги покриваат голите ѕидови на јавните површини.
По подолго време пауза, продолжуваме да цртаме стрип мурали во Велес. Сакаме да го збогатиме градот со ѕидна уметност и очекувам дека со поддршка од надлежните оваа наша работа ќе продолжи и натаму. Имаме доста голи ѕидови, кои можеме да ги покриеме. Го работевме во црно - бела техника, оти секоја друга комбинација, ќе го расипеше впечатокот - рече Ване Трајков претседател на Стрип центарот на Македонија. Тој заедно со Анита Гочевска и Горан Мазнев го нацртаа овој мурал. Се работеше една седмица и е на површина од 21 м2. Муралот е изработен со финансиска поддршка на Министерството за култура, од годишната програма, преку проектот ,,Муралот како пример за културна и туристичка знаменитост на Велес,,.
Илустрацијата е на Владимир Весовиќ - професор на стрип академија од Белград, која е нацртана на минатогодишната стрип колонија која се одржа во Велес. Ова е петти стрип мурал во Велес, кој е нацртан во период од 2007-та. Сите беа поврзани за градот, на три од нив е Кочо Рацин, на еден се Гемиџиите.
Tweet |