речник контакт

Три децении откако првиот регрут на АРМ, велешанецот Панче Јамандиев се јави во редовите на армијата

Чесно го отслужив долгот кон народот и државата, без ниту еден ден отсуство - вели Јамандиев, кој бил граничар на караулата Преслап, Битолско

Петар Печков

Се одбележува 15-ти април, 30 години од Командата за обуки и доктрини на АРМ, која работи во велешкиот гарнизон „Алексо Демниески Бауман“. Тоа е ден кога првиот војник на АРМ пристапи во нејзините редови, иако  велешанецот Панче Јамандиев  во касарната во Охрид  влегол на 13-ти април во 15,20 ч. Тој и новите регрути во првите години биле обучувани за граничари.  

„Имам прекрасни сеќавања на април 1992. Резервистите во касарната  ме пречекаа, на рамо ме носеа. Имав чест тој ден заедно да ручам и вечерам со тогаш капетан, денес  пензионираниот генерал Рацај, со полковникот  Словенецот Хајба“ - се присетува Јамандиев. .

Со задоволство ја покажува и воената книшка, во која е запишано дека воениот рок го отслужил во периодот од 13 април 1992 до 12 јануари следната година. Додека стигнале првите војнички колеги, на 15 април вечерта, тој тренирал  местење кревети и постелнина. Пред почетокот на обуката работел и на разгласот, и тука, условно кажано, завршуваат неговите привилегии како прв војник што се јавил на отслужување на воениот рок во АРМ.

„Обуката, која траеше 45 дена, ја минав задолжен со рачен фрлач, а потоа добив прекоманда на караулата Преслап, Битолско. Чесно го отслужив долгот кон народот и државата, без ниту еден ден отсуство. Во тоа време на Балканот вриеше, беше тоа време кога многу мајки беа завиени во црно а на север  беснееше  војна.  Се нижеа денови и месеци а средбите со нелегалните минувачи  на граница не беа реткост.  Караулата каде бевме сместени, беше  на патека која се издигаше високо, чиниш до небото. Тука го засакав и шарпланинецот, нераздвоен борец и соборец“– вели Јамандиев.

Такво куче, шарпланинец  доби  пред неколку години од АРМ во спомен на тоа што е нејзиниот  прв војник. Има добиени и „Златна значка“ од АРМ.

Јамандиев на 21 година возраст, два дена порано од тоа што пишувало на  поканата се јавил во гарнизонот во Охрид.  На прашањето зошто порано, тој  скромно додава „така требало да биде“.

Командата за обука и доктрина, која го добележува јубилејот, е центар за обука и  создавање на офицери, подофицери и професионални војници по НАТО стандардите. Низ програмите за обука, покрај регрутите од 1992 до 2006 година, подоцна  поминаа и се обучуваа 39 генерации  млади на доброволно служење на воениот рок.

Обуката во првите години беше фокусирана на војници граничари а подоцна се продолжи со обука на воен персонал Тука  освен македонските државјани, неколку години наназад  се едуцираат и  припадници од армиите на Косово, БиХ и Црна Гора. Во рамките на Командата е и воениот полигон Криволак. 

АНКЕТА »

Како ви се допаѓа сообраќајното решение за улицата 8 септември од Сармаале до Коњаникот

Резултати

ПРИЈАТЕЛИ »