речник контакт

Трибина за зеленилото во Велес, го има или не, се сече или сади

Надлежните Велес е пошумен и зазеленет, екологистите потребен е квалитет не бројки

Петар Печков

Експресно откако велешките екологисти побараа јавна трибина за зелените површини во градот, локалната власт ја организираше.  И додека екологистите од двете  граѓански ,,зелени,,здруженија бараа повеќе дрвја во градот, комуналците и шумското стопанство со бројки тврдеа дека последните години во Велес за неколкукратно се зголемени зелените површини и дрвјата. Ова доаѓа по последна сеча на дрвја во паркот пред Уред, потег кој наиде на критики во јавноста.

Последната сеча праќа лоша порака кај населението, дека можат да сечат дрвја кои се  самоникнати. Потребно е да се сечат само дрвја кои се болни, оштетени и стари. Со ваквата политика имаме Градски парк, каде имаме се, само немаме дрвја,  имаме бришан простор.  Имаме неорганизиран, запуштен простор, каде единствена понуда се тениско игралиште и трип патека за трчање. Разубавувањето со цвеќиња и жардинери е потребно, но уште повеќе се потребни дрвја во градот, соочување на старите и нови кои се корисни.  Реагиравме и за паркот кај Васил Главинов. И за овој парк кај Уред, засадени се дрва кои  се далеку од потребите. Има разлика од украсено дрво, жбун, цвеќе или дрво кое е корисно – рече Ненад Коциќ, претседател на ЕД Вила Зора, по чија иницијатива се организираше оваа трибина.  

Од ЈКП Дервен кој ги изведува овие активности, потсетија дека тие се согласно Програмата која е донесена  и усвоена од Советот на Општина Велес, а таму  тие ја испраќаат како нивен план. На јавноста и понудија статистичките податоци  за периодот од  шест години од  2010-та до денес.

Фактите зборуваат дека во 2010т-а сме имале  218.972 м2 организирана зелена површина а денес имаме 262.118 м2.  Имаме 42.146 ново подигната зелена површина низ градот, за шест години. Или 20 проценти повеќе зеленило.  На овие површини е засадена  илјада висока  и средно висока вегетација –листопади и зимзелени дрвја,  три илјади стебла ниска вегетација и 70 илјади цветен насад – изјави Тања Ангелова раководител на РЕ Паркови и зеленило при ЈКП Дервен.  

Годинава стигнати биле 72 барања за сеча на дрвја а  одобрени биле само 12.  Во новиот парк  пред Уред чија изведба привршувале, таа информираше дека засадени биле 10 листопади и 27 зимзелени дрвја, 200 броја  грмушки и   400 садници цвеќе, како и  систем за наводнување а биле исечени само 18 дрвја. Во паркот кај ОУ Васил Главинов биле исечени 10 дрвја а засадени 500 вкупно садници што дрвја што цвеќе.  

Со Законот за зеленило, на важност од  1-ви  септември, локалната  власт имала обврска да создаде катастар на зеленило, во кое влегува и организирано и неорганизирано.  Инспекторот за екологија Билјана Манаскова Шуркова потсети дека општинските власти имаат уште една нова обврска да создадат развоен три годишен план за подигнување  на зеленило.   Од велешката подружница  на Македонски  шуми, ,,Бабуна,, излегоа со бројки, колку  дрвја засадиле во последните три години.

Секоја година засадуваме по 32 ха, во околината на Велес, или тоа се некаде околу 100 хектари. За овие три години имаме засадени 528 илјади садници од кои  зафатени се од 65 до 70 отсто.  Овие нови 400 илјади садници се бели дробови за градот  Велес за наредните пет години, кога ќе пораснат. Во меѓупатната зона на автопат имаме засадено 1,3 илјади чемпреси  – изјави Горан Наунчев директор на ШС ,,Бабуна,, од Велес.  

Овие бројки од надлежните,  за велешките  екологисти не се доволна причина за задоволство, бидејќи од Општинскиот Буџет секоја година три милиони денари се издвојувале за зазеленување на градот.  Покрај големите бројки на вегетација засадена во градот и околината, граѓаните засега таа не ја забележуваат, ниту пак може да се констатира дека има корист. Дискутабилно е што се засадуваат не автохтони садници, дрвја кои не припаѓаат на  овдешниот еко систем  а се почесто се садат како украсни, палми, јапонски цреши . 

Имаме однос 73 засадени цвеќиња за едно дрво, тоа премалку.   Ние немаме квалитет, заборуваме само за квантитет, соодносот е проблематичен. Убаво е кога ги шетаме децата низ градот во цветните алеи, но потребни ни се  дрвја, сенка, крошни.  Беше болна реакција кога се сечеа дрвјата кај Уред, гледав стари жени како плачеа. И што добивме  сега еден куп садници –гранчиња, бројката е важно голема а што фајде  имаме од нив   -рече  Даниела Јовановиќ од ЕГ ,,Зелена сила,,.

На забелешките од граѓански здруженија, градоначалникот на  Општина Велес, со конкретна обврска, тоа што го бараат да го стават на парче хартија. 

Подготвени сме како локална  власт  да придонесеме за повеќе зеленило во градот.  Во  2011-та биле засадени 60 големи дрвја,  во 2014 – 310 а лани 357. И дојдете, вие како граѓански сектор на јавните расправи за работа во следната година и дадете Ваш предлог програм. Со тригодишниот план заеднички да направиме стратегија за  позелен Велес – побара  градоначалникот Чадиев. 

АНКЕТА »

Како ви се допаѓа сообраќајното решение за улицата 8 септември од Сармаале до Коњаникот

Резултати

ПРИЈАТЕЛИ »