Петар Печков
Објавено: сабота, 14 јули 2012
Во реката Бабуна денес на верскиот празник Св. Козма и Дамјан се изврши групно крштевање на триесетина верници. Ова е петта година по ред откако на вакво начин се предаде светата тајна – крштевањето. Организатор на групната крштевка е Повардарската Епархија на МПЦ и тоа е бесплатно. Крштевката е моментот, кога верниците според верата се соединуваат со Бога.
Овој чин е влез во црквата, за да може потоа секој човек да ги ползува сите световни моменти. Овие верници денес добија закрилник - ангел чувар кој ќе ги пази во нивниот живот. Тие од денес се членови на Светата православна црква со сите права и обврски, кои денес ги прифатија. Традиција ќе продолжи и наредната година, за секој кој не е крстен да може да пристапи кон Христовата вера -изјави Ристе Јанушев протојереј свештеник од велешкото намесништво на Повардарската Епархија на МПЦ.
Ако претходните години имаше по стотина лица кои беа крстени, годинава бројката е осетно намалена а од Повардарска епархија објаснуваат дека тоа е така оти се помалку имало некрстени во општината. Верниците кои се крстија беа на различна возраст од половина година до шеесетина и фазла. Меѓу нив имаше и едно семејство сопруг, сопруга и ќерка кои заеднички се крстија. Повеќето од нив, пред се повозрасните велат дека причината што не биле крстени е што во времето кога раснеле, владеело едноумието и атеизмот.
Верник сум одамна, но поради тоа што моите родители живееле во друг систем и време не ме крстиле. Никогаш не е доцна оваа грешка да се исправи. Чувството е возвишено, со верба со дух и сум ногу среќен – рече Блаже Темов адвокат од Велес. Слични чувства и желба имала и велешанката Блага . Таа иако баба со внуци кои се крстени в црква, сега го стори овој чин за неа.
Времето кога бев родена беше друго време. Сега дојде до пресврт, луѓето веруваат во црквата и Бога. Имав долго време желба да се крстам и сега го сторив тој чин. За прв пат во животот направи нешто сама за себе и многу сум среќна што на овој ден ми се случи многу значаен момент во животот – Блага Блажова.
Tweet |