Петар Печков
Објавено: понеделник, 30 септември 2024
Тројца велешани во Основен суд Велес, се осудени на по седум масеци затвор, затоа што украле шест метални тезги од пазариште. Лицата го признале делото, по што се прогласени за виновни и осудени. Тие биле обвинети за кривичното дело кражба.
Тројцата обвинети на 9 јуни 2022 година во периодот од 7,00 часот до 16,00 часот по преходен заеднички договор одзеле туѓи подвижни предмети сопственост на оштетеното ЈКП Дервен, со намера истите противправно да ги присвојат. Присвоените предмети биле во вкупна вредност 109.500 денари.
Трите лица дошле до привремениот градски пазар во сопственост на оштетеното ЈКП Дервен лоциран на паркинг просторот пред поранешен ресторан Пармак, каде што од страна на оштетеното правно лице времено биле поставени метални тезги и со употреба на подесен алат демонтирале шест метални тезги, ги складирале во непосредна близина на Мало мовче со цел истите подоцна да ги подигнат. Биле забележани и пријавени во СВР Велес.
Со пресудата тројцата обвинети треба солидарно да ја надоместат предизвиканата штета. Пресудата е правосилна.
Tweet |