Петар Печков
Објавено: четврток, 13 февруари 2014
Елена Николова, Драган Ќупев и Симон Антоновски за кривичното дело ,,бесправно градење,, добија условни затворски казни во траење од една година ако во следните две не сторат ново кривично дело.
По однесената кривична пријава од локалната власт обвинителството подигна обвинителен акт, по кој тројцата сопственици се прогласени за виновни. Тие според обвинението на почетокот од месец јануари 2013 година по претходен договор и заедно, граделе на туѓо земјиште – од тротоарот на ул. Благој Ѓорев до задниот дел на гаражите со броеви 6, 14 и 15, на површина од 36м2 сопственост на Република Македонија по имотен лист.
Ова го сториле без одобрение за градење издадено од надлежен орган, при што извршиле отстранување на насадената трева, две грмушки и една бреза и го ископале земјиштето во задниот дел од гаражите, изградиле армирано бетонски скали во должина од 5 метри и два армирано бетонски заштитни ѕида со должина од 3 метри и висина од еден метар.
Обвинетите го признаел делото, изразиле каење за стореното. Во нивна одбрана тие изјавиле дека во комплексот имало повеќе гаражи кои пред повеќе години сопствениците ги пренамениле во деловни простории, а нивните три гаражи останале без пренамена, па по примерот на другите сопственици, решиле и тие да ги пренаменат во деловни објекти.
За ова се обратиле до одделението за урбанизам во локалната самоуправа каде се распрашале дали им е потребно било каква одлука за пренамена и оттаму добиле одговор дека во урбанистичкиот план на градот не било предвидено пренамена на тие гаражи во деловни простории и дека тоа што другите го направиле го направиле на диво без никаква документација. На прашање од тројцата обвинети на кој начин треба да ја направат пренамената со легална документација им било одговорено дека нема начин, бидејќи урбанистичкиот план не дозволувал пренамена.
По ова се договориле, ангажирале градежна фирма, направиле договор да им ги изврши градежните работи на начин што ќе се изврши ископ позади задните страни на гаражите за да се отворел простор за влез, да го бетонира тој дел бидејќи имало висинска разлика до улицата да се направеле скалила, а задниот ѕид на гаражите да се сруши и да се постави стаклен дел како излог и врата како и да се обработи внатре просторот.
Откако биле поставени стаклените врати и излозите, бетониран просторот дошол градежниот инспектор кој што ги стопирал во понатамошната градба и донел соодветна одлука. Сите тројца Елена Николова, Драган Ќупев и Симон Антоновски се обврзуваат да надоместат штета за што ќе се решава во друга постапка. Пресудата не е правосилна.
Tweet |