Петар Печков
Објавено: четврток, 03 декември 2020
Тутунопроизводители од велешко не се задоволни од почетокот на откупот на тутунот. Нивните реакции се на ниската откупна цена и на тоа што не се отворени сите пунктови во велешко. Тие како израз на револтот, најавуваат протести.
Откупната цена се движи од 100 до 150 денари, во зависност од класата. Иако требаше да се отворат пунктовите за откуп на 16-ти ноември, кај нас во Бузалково два работат, два не. За илустрација лани тутунот се откупуваше и до 250 денари за кг. Јавноста нека процени сама дали и колку годинашнава цена е во ред. Размислуваме да организираме и протести - вели тутунопроизводител од велешко Бузалково, заедно со Иванковци најголемиот одгледувач на тутун во општината.
Тутунските компании најавувале дека имаат залихи и дека годинашната реколта е со послаб квалитет, поради сушата. Но на вака ниски откупни цени и толку доцнење со откупот никој не се надевал. Дека состојбата со откупот на тутун на почетокот не е во ред, потврдува и заменикот министер за земјоделие. Тој најави средба на тутунопроизводителите, откупувачите и од надлежното министерство, за годинашниот откуп.
Ова година катастрофално почна откупот, а и сите пунктови не се отворени. Она што како последни информации ги имаме е дека просечната цена, во зависност, се движи некаде 140, некаде 160, а некаде до 170 денари. Не е очекувано зошто се тргна со ваква ниска цена и ова е необјасниво. Тутунот е стратешки производ за земјава - изјави Трајан Димковски, заменик министер за земјоделие.
Tweet |