речник контакт

Уапсени нови лица во бандата млади велешани за трговија со дете и дистрибуција на детска порнографија (видео од апсењето)

Осомничените заработија кривични пријави за „трговија со дете“, „производство и дистрибуција на детска порнографија“ и „полова злоупотреба на немоќно лице“

Петар Печков

Во големата утринска акција на МВР , во коај учествувале припадниците на  ЕБР во Велес се уапсени повеќе велешани, кои полицијата ги сомничи за три кривични дела.  Оваа акција (видео) е продолжение на таа од пред два месеци, кога беа уапсени пет лица  и добија притвор за „трговија со дете“.

По преземени понатамошни мерки и активности од страна на Националната единица за сузбивање на криумчарење мигранти и трговија со луѓе ,во содејство со надлежното ОЈО за гонење на организиран криминал, утврдени се и други лица, на кои се однесува денешната кривична пријава, за кои постојат основи на сомнение дека се инволвирани во извршување на кривичните дела.

„Одделот за сузбивање на организиран и сериозен криминал до Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција поднесе кривична пријава против лицата Д.П.Т.(23 год), А.З.(25 год), Р.А.(27 год), Т.Л.(26 год), С.Н.(25 год), сите од Велес и Р.В.(21 год) од Скопје за сторено кривично дело „трговија со дете“ од член 418-г став 3 од КЗ, А.Ф.(22 год). и Б.Ф.(27 год) двајцата од Велес за сторено кривично дело „полова злоупотреба на немоќно лице“ од член 187 став 2 вв став 1 од КЗ, К.Б.(31 год) од Велес и Б.П.(31 год) од Тетово за сторено кривично дело „производство и дистрибуција на детска порнографија“ од член 193 став 3 од Кривичниот законик.

Врз основа на издадени наредби од Судија на претходна постапка од Основен кривичен суд Скопје, на подрачјето на Велес, Тетово и Скопје извршени се претреси во дом и други простории кај пријавените лица, при што девет лица се лишени од слобода, а по едно лице, кое се наоѓа надвор од државата, се трага. Од извршените претреси пронајдени и привремено одземени се мобилни телефонски апарати, марихуана, гасен пиштол и други предмети кои се предмет на кривично дело.

Денеска (30.03.2023) поднесена е кривична пријава против 10 лица, за кои постојат основи на сомнение дека се инволвирани во извршување на кривични дела „трговија со дете“ (член 418-г став 1 и 3), „производство и дистрибуција на детска порнографија“ (член 193 став 3) и „полова злоупотреба на немоќно лице“ (член 187 став 2 вв став 1) од Кривичен законик.

Претходно, на 26 јануари  Одделот за сузбивање на организиран и сериозен криминал до Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција поднесе кривична пријава против С.Д.(25 год) од Велес за сторено кривично дело „трговија со дете“ (чл. 418-г ст. 1 и ст. 3), Д.С. (32 год) од Тетово за сторено кривично дело „трговија со дете“ (чл. 418-г ст. 3 в.в. ст. 1) и Д.Н. (25 год), Т.И. (22 год) и К.Т. (24 год) од Велес, за сторено кривично дело „трговија со дете“ (чл. 418-г ст. 3) од Кривичниот законик, за што од страна на Судија на претходна постапка, на С.Д., Д.С., Д.Н. и Т.И. им е одредена мерка притвор во траење од 30 дена, додека на К.Т. му е одредена мерка куќен притвор.

АНКЕТА »

Како ви се допаѓа сообраќајното решение за улицата 8 септември од Сармаале до Коњаникот

Резултати

ПРИЈАТЕЛИ »