Петар Печков
Објавено: вторник, 10 февруари 2026
Тројца прилепчани се уапсени, откако кај нив е пронајден арсенал на оружја а еден до нив и пукал, кога се обиделе да ги легитимираат. Деталите од информацијата на велешката полиција. Случајот е регистриран во околината на село Степанци, Општина Чашка. Кај лицата била пронајдена ловечка опрема но и детектори за метал
„На 8 февруари во 10:15 часот кај место викано „Црници“ во атар на село Степанци, општина Чашка, полициски службеници од Полициско одделение Чашка ги лишиле од слобода В.К.(57 год), И.Т.(51 год) и Б.Н.(77 год), сите од Прилеп. При вршење службени дејствија, полициските службеници ги забележале лицата како излегуваат од патничко возило „лада нива“ со прилепски регистарски ознаки, а лицето кое го управувало возилото испукало неколку истрели од огнено оружје, по што се оддалечиле од местото. По преземени мерки, возилото и лицата биле пронајдени и при извршен преглед од И.Т. биле одземени малокалибарска пушка „Брно“, 14 не испукани куршуми и три чаури од малокалибарско оружје, 14 куршуми карабинска муниција и три чаури и куршуми калибар 12мм од ловечка пушка без соодветна документација, детектори и други предмети. Додека, од Б.Н. биле одземени пиштол „Застава“, рамка со седум куршуми калибар 9мм без соодветна документација и останати предмети“ – соопшти Ана Милевска Ѓорѓиева, портпарол на СВР Велес.
Трите лица биле задржани во полициска станица, известен бил јавен обвинител и по целосно документирање на настанот ќе бидат поднесени соодветни пријави.
| Tweet |




