Петар Печков
Објавено: вторник, 16 ноември 2021
Вчера вечер во Кавадарци се случи убиство, во кое смртно настрада лицето кое се обидело да ги раздвои две лица учесници во тепачка. Полицијата го лишила од слобода како осомничен кавадарчанецот Х.С.( 45 год).
„Х.С се сомничи дека на 15.11.2021 околу 23.30 часот, при физичка пресметка помеѓу повеќе лица на ул.„Методија Џунов“ во „Брушанско Маало“ во Кавадарци, при што биле употребени остри и тврди предмети, со остар предмет му нанел убодна рана на З.П.(59) од Кавадарци, кој подоцна починал во болницата во Кавадарци“ - соопштија од МВР. Во врска со случајот во Полициската станица Кавадарци бил извршен разговор со С.А.(37), А.А.(63), А.М.(42) и Џ.Х.(19), сите од Кавадарци.
Од ОЈО Кавадарци кажаа започнале истражна постапка над Х.С. заради сомнение за сторено кривично дело убиство.
„На 15 ноември 2021 година, околу 23:30 часот, по претходна вербална расправија на осомничениот со друго лице, оштетениот се обидел да ги смири и да ги раздвои.При тоа, осомничениот замавнал со дрво и го удрил оштетениот по главата, со што го бутнал на подот, а потоа неколкупати го избодел со нож во пределот на градите. Од здобиените повреди, на пат кон итната медицинска помош, лицето починало. Осомничениот по извршеното дело се дал во бегство, но во текот на денов е лишен од слобода“ - соопштија од ОЈО Кавадарци.
Обвинителството издало наредба за обдукција на телото на починатиот З.П., наредба за сослушување на повеќе лица кои сведочеле на настанот и можат да дадат податоци потребни за истрагата. Јавниот обвинител до судијата на претходна постапка при Основниот суд во Кавадарци доставил предлог за определување мерка притвор за осомниченото лице, поради можноста за бегство или да влијае врз сведоците. Кавадаречкиот суд му изрекол мерка притвор од 30 дена.
Tweet |