Петар Печков
Објавено: недела, 29 ноември 2020
Кутијата за донации, со која граѓаните оставаа пари за гладните од Велес, вчера биле украдена од пред гостилницата „Боем„ а истата денес ја нашле празна и фрлена во реката Вардар. Ова го објавија од непрофитната организација „Нула гладни во Велес„ на нивниот фб профил. Нивната активност е поддржана и од Општинскиот Црвен крст на Велес.
На "чесниот сторител" му посакуваме многу среќа и во здравје да си ги троши парите. Веројатно ќе му ги решат сите проблеми. Исто така му порачуваме дека откако парите ќе се потрошат добредојден е во кујната, доколку е повторно гладен. Ќе му обезбедиме оброк на драго срце - порачаа од организацијата.
Додаваат дека нивната мисија за нула гладни во Велес останува непоколеблива. Првичните шест месеци истекуваат во месец јануари следната година и планираат нови шест месеци со нови или стари поддржувачи на проектот.
Кујната која ги снабдува социјално ранливите категории во Велес преку непрофитната организација „Нула за гладот во Велес„ работи од 8-ми јули годинава, секојдневно, обезбедува оброк преку Гостилница „Боем„ за 20-тина лица и во првите три месеци од работата биле дадени 2,6 илјади оброци на социјално најзагрозените лица.
Преку касата за донации пред Гостилница Боем се обезбедуваа донации од граѓани, но и лица кои даруваа и свежи градинарски култури. Со финансиски средства како донатори месечно се јавуваат и неколку мина велешани кои живеат во странство, Ердован Етоски, Трајче Папазовски, Слободан Гајдов, помагатели се и Александар Велковски, поранешниот фудбалер Панче Ќумбев и Евангелската црква со пасторот Филип.
Tweet |