Петар Печков
Објавено: среда, 10 април 2019
Медицинската сестра, велешанката Павлина Петровска доби условна затворска казна оти на пациентите во болницата каде работела им давала лекови со минат рок. Таа во Основен суд Велес ја признала вината за кривичното дело ,,производство и пуштање во промет штетни средства за лекување,, по што доби алтернативна казна од три месеци затвор, кој ќе ги одлежи ако во период од една година стори ново кривично дело.
Петровска делото го сторила во временскиот период од месец август 2017 година до октомври 2017 година,кога како одговорна сестра на болничката аптека на ЈЗУ Јасеново Велес, ставила во промет лекови што се штетни за здравјето.
Таа од болничката аптека и покрај тоа што знаела дека лековите се со поминат рок, истите ги издала по одделенијата и амбулантата во болницата лековите Amp.Almetex No LXXX (80) и Amp.Cefotaxime No XXXXV (45), Amp. Amiocordin scNO II (2), на кои рокот на употреба им бил истечен.
Лекот Amp. Cefotaxime им бил даден на седум пациенти кои престојувале во болницата со што обвинителството констатира дека ,,било доведено во загрозувачка состојба нивното здравје,, што било констатирано при извршена инспекциска контрола на овластени инспектори при Министерството за здравство и Државен санитарен и здравствен инспекторат.
Tweet |