Петар Печков
Објавено: вторник, 28 април 2020
Обвинетиот Коста Карајанов (59 год) од Гевгелија доби условна затворска казна, за сообраќајна несреќа која се случи пред две години, близу Агриа во која смртно настрада Далибор Вучков (33 год )од село Аџиматово. Судијката Валентина Ѓоргиевска го прогласи за виновен и му изрече две години затвор, кои ќе се извршат ако во следните пет, обвиениот Карајанов стори нови кривично дело.
Нему во Основен суд Велес му се судеше за две кривични дела,тешки дела против безбедноста на луѓето во сообраќајот за кое доби 20 месеци затвор и за не укажување на помош на лице повредено во сообраќајна несреќа за што доби шест месеци затвор, или единствена алтернативна. Според вештите лица вина има и покојниот Вучков, кој како учесник во сообраќајот од непознати причини се нашол на среде коловоз, надвор од град. Пресудата не е правосилна.
Сообраќајката се случи на 5-ти март, 2018 година околу 18,40 ч., на регионалниот пат Велес – Градско, кога Карајанов управувал патнички автомобил марка Фолксваген Шаран и се враќал дома за Гевгелија. Според обвинението во услови на дождливо време и влажен коловоз, при стемнување, тој не ја намалил брзината на движење на возилото, при што нејасно забележал дека на коловозот во лежечка положба се наоѓа едно лице во алкохолизирана состојба. Осомничениот започнал дејствие на заобиколување, но тоа го направил во недоволен лак и налетал на телото на оштетениот, нанесувајќи му тешки повреди. По настанот, осомничениот го оставил повреденото лице без помош и заминал во правец кон Гевгелија. Нанесените повреди кај оштетениот довеле до загуба на крв и нарушување на работата на витално важни органи, што подоцна во велешката Болница резултирало со смртен исход. Обвинетиот Карајанов сметаше дека не е виновен.
Беше дождлива квечерина, не беше видливо, темно и возев со брзина од 40-50 км/ч. Наеднаш пред мене се појави нешто црно, мислев дека е дрво или карпа, па нагло завртев десно и удрив на банкините, не во тоа на патот. Излегов да видам дали е оштетен автомобилот, не беше и се вратив. Дојде друга кола зад мене излегов и му реков да го тргнеме дрвото. Не е дрво, туку човек рече сведокот. Отидов да видам и стварно беше човек. Јас сум дијабетичар и почнав да се тресам, немав инсулин со мене, во колата имав коцки шеќерче и ги изедов. Се вратив до човекот на патот, сведокот викна Брза помош. Од покачениот шеќер, паднав во несвест во колата па им кажав дека си одам - кажа обвинетиот Карајанов во негова одбрана.
За неговиот бранител беше спорно како лицето Вучков се нашло на среде сообраќајница, далеку од населено место и згора на тоа во алкохолизирана состојба.
Tweet |