Петар Печков
Објавено: вторник, 20 јули 2021
Велешанецот Ѓоре Црнушев (30 год) доби условна затворска казна, додека Ордан Андовски (62 год) не го призна делото и нему ќе му се суди во одвоен судски процес. Црнушев го призна делото за кое беше обвинет „тешки дела против безбедноста на луѓето и имотот“ по што беше прогласен за виновен и му беше изречена затворска казна од две години, која ќе се реализира ако во следните пет, од прависилноста, стори друго кривично дело.
Судијката Габриела Гајдова ја образложи изречена пресуда. Нив им се судеше за сообраќајка кај Пуста Кула, која се случи на почетокот од минатата година а во верижниот судир, учествуваа две товарни возила и пет патнички автомобили, една патничка од Кавадарци го загуби животот, а неколкумина лица беа повредени.
„Со извршеното вештачење констатирано е дека обвинетиот возел со 105 км/ч брзина неприлагодена на условите на патот, мраз, магла. Автомобилот се извртел, сопрел попречно на патот и во него удрил оштетениот Стево Минов. И тој возел со неприлагодена брзина на условите на патот 104 км/ч. по што дошло до сообраќајката, така што и тој допринел за несреќата“ - кажа судијката Гајдова.
„Обвинетиот по сообраќајката излегол од возилото , бил спречен да постави сигнален триаголник, но со флуоросцентен елек ги предупредувал возачите кои доаѓаат, дека има сообраќајка“ - кажа бранителот адвокат Димитар Петрулев.
При признанието на вина, обвинетиот Црнушев рече дека се кае за стореното и изрази сочувство за смртта на Јадранка Василева Миланова сопатничка во возилото кое удри во неговото.
„Откако се случи сообраќајката немам мир и сон. Имав и семејна трагедија, почина татко ми а на а 2-ри ноември лани, во бензинската каде работам се случи разбојништво и под закана на огнено оружје бев нападнат“ - рече Црнушев.
Сообраќајката се случи на 16-ти јануари 2020-та околу 9,15 ч. кога Црнушев управувал патнички автомобил марка БМВ на автопатот „Пријателство“, делница Велес- Скопје, на местото викано Пуста Кула. Според обвинението тој не ја приспособил брзината на движење на возилото кон состојбата на патот – видливоста, прегледноста и атмосферските услови. Во услови на намалена видливост поради густа магла и замрзнат и лизгав коловоз, не почитувајќи ги сообраќајните знаци, изгубил контрола врз возилото и се запрел во попречна положба во однос на правецот на движење на автомобилите, зафаќајќи го поголемиот дел од левата и еден дел од десната сообраќајна лента.
Ордан Андовски, вториот обвинет пак, управувал со товарно моторно возило со 0,16 промили алкохол во организмот. Кога пристигнал на местото на кое бил извртен патничкиот автомобил, наместо да го запре товарното возило на посебната лента за принудно запирање, тој го застанал на десната сообраќајна лента, со што целосно го попречил движењето по автопатот. Притоа не презел никакви мерки за отстранување на опасноста или предупредување на останатите учесници во сообраќајот. Како резултат на ова однесување на двајцата обвинети, настанала верижна сообраќајна несреќа во која една патничка го загуби животот, а неколкумина беа повредени.
Tweet |