Петар Печков
Објавено: сабота, 22 јануари 2011
Велешкиот театар ,,Јордан Хаџи Константинов Џинот,, изминатата 2010 година имаше успешна продукциска сезона во која се изведени три премиери, имало бројни гостувања во земјава, но и на нивни колеги на велешката сцена. Одиграни се стотина претстави пред полн салон, што ги охрабрува актерите дека го одбрале вистинскиот потег за привлекување на гледачите, иако салата знае често да биде студена и ладна. Ова е оценката на уметничкиот директор Васил Зафирчев кој ја сублимираше годината што завршува.
Имавме успешна програмска година, со три специфични убави претстави. Годината ја завршуваме со стотина одиграни претстави на сцената, што е одлична бројка. Тоа зборува за големиот интерес и континуитет на доаѓање на велешката публика. Играме пред полна сала, што не прави среќни и задоволни, бидејќи успеавме да ја едуцираме публиката – вели Зафирчев.
Во прилог на успешноста тој ги посочува и добиените награди кои се стимул за натамошни ангажмани. Таков е случајот со претставата ,,Баханалии, која ја доби Гран при наградата на фестивалот ,,Стоби,, а Маја Љутков за најдобра одиграна женска ролја. Уметничкиот директор е посебно среќен што најверен гледач во велешкиот театар е младата популација.
Зафирчев смета театарот во Велес, младите го доживуваат како социјален чин, како излегување со друштво на кафе, и тоа за актерите е најголем поттик за работа. И покрај неговите најави дека на сцената ќе се вратат најгледаните претстави од пред некоја година, тоа не се случи. Дон Жуан, Самотијата на памучните полиња, Стрип Шекспир остануваат на листата на чекање за некоја друга пригода, кога финансиската состојба во театарот ќе биде подобра.
Претставите кои беа најавени за враќање на сцената со моето доаѓање како уметнички директор, не се случи поради финансискиот аспект. Ако тоа се случеше немаше да има трета премиера. Работиме со средства со кои ќе имаме побогата продукција, која ќе ги задоволи нашите естетички и творечки очекувања како актери, како и заради други професионални ангажмани на дел од екипата која не е вработена во велешкиот театар . Посочените претстави остануваат за да се обноват во 2011-та година. Но ќе ги вратиме во скоро време, не затоа што ние сакаме туку бидејќи публиката ги бара - рече Васил Зафирчев.
Според него велешката публика е гладна за нешто ново и актуелно и затоа имало полни салони при гостувањето на колегите од другите театри од земјава. А имале и тие повеќе гостувања по градови низ Македонија.
За оваа година конкурирале со четири нови премиерни проекти, дела од класичен театар, Министерството за култура ги прифатило Евгениј Онегин во режија на Ѕвездана Ангеловска, ММЕ кој прв почна во режија на Александар Ивановски и Чехонте во режија на Никна Николич, додека театарот веќе започна со работа на претставата ,,Нора,, на Ибзен во режија на Никола Ристов.
Од лани во ,,Јордан Хаџи Константинов Џинот,, се вработени петмина нови актери и сега брои 30 вработени лица, а вработени се дел од техничкиот персонал, кој сега ги задоволува потребите на театарот како професионална куќа. Раководството како новина планира да воведува награда за актерот кој одиграл најмногу претстави во текот на годината.
Tweet |