речник контакт

Ученици волонтери од кавадаречкиот Црвен крст набавија апарат за анализа на крвта кај децата, без тие да се трауматизираат при боцкањето

Со него анализите на крвта кај малите деца и бебињата ќе се вршат со земање на примерок само од прст а не од вена и резултатите ќе бидат готови за многу кратко време

Петар Печков

Волонтерите  на Црвен крст од две кавадаречки училишта набавија апарат за анализа на крвта кај децата. Апаратот денес беше предаден на ЈЗУ Општа болница Кавадарци. Со него  анализите на крвта кај малите деца и бебињата ќе се вршат со земање на примерок само од прст а не од вена и резултатите ќе бидат готови за многу кратко време.

Тој беше набавен во рамките на програмата ПХВ - Промоција на хумани вредности, од младите волонтери од ОУ  Тошо Велков Пепето и  ОУ Страшо Пинџур од Кавадарци, заедно со нивниот дисеминатор Даниела Лазовска, кои направиле истражување во болницата за приоритетни потреби и како резултат на тоа истражување, ваквиот апарат бил  најнеопходен.

„Ова е апарат биохемиски анализатор, за мали деца за одредување на крвни анализи. Со овој апарат пристапот е не агресивен и така децата нема да се трауматизираат. Апаратот е значаен за секоја болница, не само за нашата. Бев изненаден пријатно како младите ги собрале средствата, од нивата инвентивност, креативност. Благодарност до нив и сите донатори кои учествувале со свои средства“ - кажа д-р Диме Коцев, директорот на кавадаречката болница.   

Посетени биле  неколку компании  во Кавадарци а на повикот се одѕвале  Машинокоп и МИ - Комерц, кои заедно со Советот на Општина Кавадарци и градоначалникот Митко Јанчев, вкупно собрале 106.000 денари колку што чини овој апарат.

„Волонтерите изработија свој проект, насловен „Капка крв“ и  „Во лабораторија со насмевка“  неколку месеци собираа парични средства преку различни форми  и  активности, спортски натпревари, приредби во училиштата, изработка на  прво априлски маски кои се продаваа на  прво априлски пазар, изработија велигденски украси и продаваа на  Велигденски пазар“ - кажа Димитар Каракулев претседател на ОО на Црвен крст Кавадарци. 

АНКЕТА »

Како ви се допаѓа сообраќајното решение за улицата 8 септември од Сармаале до Коњаникот

Резултати

ПРИЈАТЕЛИ »