речник контакт

Учениците од Ногаевци не тргнаа на училиште

Родителите бараат да се заврши реконструкцијата на мостот на Вардар, градоначалникот најавува дека ќе се изгради во рокот

Петар Печков

Учениците од петто до осмо одделение од селото Ногаевци не ја почнаа учебната година. Тие не тргнаа на училиште во Градско  по револтот на нивните родители, поради застојот во изградбата на мостот на реката Вардар и лошиот пат по кој децата секојдневно треба да патуваат  на настава. Тие се жалат што две години не можат да излезат од селото преку разрушениот мост, и затоа морат да се движат заобиколно, по лош земјен пат со дополнителни 50 километри.

Децата нема да одат на училиште се додека не се врати механизацијата за реконструкција на мостот кој е срушен две години. За да стигнат на училиште тие тргнуваат од 6 наутро се враќаат во два попладне. И за да имаат услови за учење мораме да им дадеме пари за храна. Можеме по 50 денари, колку за еден сендвич. А што со родителите кои имаат и три ученика. Сушата не уништи, род нема од каде пари за оброк за нив. Затоа бараме да се изгради мостот, кој почнаа да го градат летово. Овој протест е наш крик за што побрзо решавање на проблемот на 300 жители, земјоделци  кои на раце носат секојдневно со  по 15 тони домати и пиперки на пазар. Зимоска децата со трактори ги вадевме од  обиколниот земјен пат  кога ќе заглавеа во кал и снег – велат жителите на село Ногаевци.

На првиот училиштен час  во ОУ Даме Груев во Градско не тргнаа единаесет деца, додека на настава заминале две објаснуваат мештаните. За нив е неразбирливо зошто механизацијата на ГП Гранит си заминала откако го прекроила текот на реката Вардар. Сега тој освоил нови десетина метри од неговото крајбрежје, на штета на имотот на селаните, кои  сега е однесен а таму  одгледувале пипер. Со новиот тек на реката, посочуваат дека сериозно е нарушена стабилноста на и тоа што остана од мостот. Од локалната самоуправа на Градско ги смируваат тензиите и велат мостот ќе се заврши во рокот.

Тоа што жителите на Ногаевци ги загрижува е што нема присутна механизација, но тоа не значи дека не се работи. Сите потребни работи не се изведуваат директно на местото, дел од нив се изведуваат во базата на ГП Гранит. Конкретно таму се работат бетонските носачи.  Од разговорот со задолжениот за изградбата на мостот, најавено е дека деновиве тие ќе се вратат таму, со машина која ќе изврши бушење и поставување на коловите, по што ќе продолжи градбата  со поставување фундамент и носачите. Тие имале проблем со под изведувачот, кој барал повисока цена, но останува нивната обврска  но и нашето ветување дека во рокот до средината на октомври мостот ќе биде готов – изјави Глигур Коцев градоначалник на општина Градско.

За реконструкцијата на мостот на реката Вардар кај Ногаевци, кој започна на 20 јули  Владата одвоила 17 милиони денари  од Буџетот. Дел од мостот, неговиот средишен дел беше срушен од надојдената река на 5-ди декември 2010-тата година.  Жителите на Ногаевци за да стигнат до Градско или Велес мораат да минат преку импровизираната лента на разрушениот мост или пак да вртат по обиколниот пат преку село  Виничани

АНКЕТА »

Како ви се допаѓа сообраќајното решение за улицата 8 септември од Сармаале до Коњаникот

Резултати

ПРИЈАТЕЛИ »