речник контакт

Учениците само декор во процесите на одлучување на училиште

Резултатите од истражувањето за средношколското организирање поразителни

Петар Печков

Не постои единствен систем на средношколско организирање во училиштата земјава и дека учениците се организирани преку различни облици, но заедничко е што средношколците не учествуваат во процесите на одлучувања и не се застапени во органите на училиштата.  Ова се резултатите од истражувањето  на Младинскиот образовен форум на тема “Средношколско организирање и учество во Република Македонија”. Преку истражувањето биле вклучени 54 средни училишта и 155 ученици од 14 градови во Македонија.

При истражувањето на начините на избор на претседатели на класови и генерации, се забележува дека училиштата, претставени преку класните раководители, поставувале строги и дикриминаторски услови, дозволувајќи им само на редовните, дисциплираните, примерните и учениците со солиден успех да можат да ги застапуваат своите соученици. Од одговорите на учениците се забележува дека класниот раководител има големо влијание врз изборот на претседател на клас, преку предлагање листа од избрани кандидати или преку  профил на ученик кој заслужува да биде претседател. Сеуште постојат училишта во кои изборот на претседател на клас го врши класниот раководител, со што на учениците директно им се одзема правото да одлучуваат кој ќе ги претставува.

Најчесто само во прва и втора година, професорите им дозволуваат на учениците сами да си бираат претседател на клас, а потоа откако ќе ги запознаат сите ученици подобро, тие самите го прават тоа - изјави од еден од учесниците  во истражувањето.

Средношколците лоцираат низа проблеми во воспитно-образовните процеси во училиштата, а најмногу ги издвојуваат квалитетот на настава, комуникацијата професор-ученик, оценувањето, комуникацијата со стручните служби и со претставниците на учениците, меѓуетничките конфликти и инфраструктурата во училиштата.  И покрај тоа што учениците се свесни за проблемите, сепак училиштата ги консултираат само за  нив помалку важни прашања, како на пример организирањето екскурзии и матурски прослави. Учениците сметаат дека не можат да влијаат за решавање на суштинските проблеми бидејќи тоа зависи директно од волјата на професорите и управите во училиштата.

Немаме авторитет, нашиот  глас не е слушнат и не е почитуван од надлежните, односно не можеме да влијаеме за промени.   Поголемиот број од нас не се интересираат за своите права и не преземаат иницијативи, од страв да не бидат погрешно разбрани од професорите и управите и тоа да не се одрази негативно врз нивниот успех и поведение - велат учениците. Учениците и училиштата не препознаваат средношколско организирање на национално ниво.

Последните јавни активности на Унијата на средношколци на Македонија и на Средношколската унија на Македонија се забележани во 2008 и 2009 година и тоа само со оградување од одредени настани. Според одговорите од училиштата, од 45 испитани училишта, само едно има претставник во ова национално организирање на средношколците.
 Активности и содржини нема. Дел од проблемот, средношколците го лоцираат и кај своите родители, кои ретко им даваат поддршка за нивните иницијативи.

Еднаш се собравме шест класа, ни беше ладно и избегавме од училиште. Добивме по 5 неоправдани. После тоа, се собраа родителите и зборуваа за тоа. Објаснивме зошто избегавме,  дека ни беше ладно. Родителите на тоа наместо да побараат греење, се придружија на професорите и директорот, ни рекоа ако ви е ладно облечете јакни. Затоа некој и да сака нешто да направи, нема да направи – изјави  учесник во анкетата.


Разгледувајќи ја ваквата состојба на средношколското организирање во Македонија, МОФ изработи низа препораки упатени до Министерството за образование и наука, училиштата, професорите, учениците, родителите, локалните самоуправи и младинските организации. Во една од препораките се потенцира потребата од измени на Законот за средно образование и статутите на образовните институции, со што ќе се гарантира учество на учениците во  органите на одлучување во училиштата.

АНКЕТА »

Како ви се допаѓа сообраќајното решение за улицата 8 септември од Сармаале до Коњаникот

Резултати

ПРИЈАТЕЛИ »