Петар Печков
Објавено: четврток, 14 јули 2016
Минатиот четврток, пред седум дена велешанец и уште едно лице се фатени како превезуваат 30 кг. марихуана, која требало да стигне на пазарот во Велес. Според МВР двете лица со различни возила во четвртокот биле пресретнати на магистралниот пат Ресен – Охрид.
Кај осомничениот Б.Д. од Велес кој го управувал патничкото моторно возило марка Опел Зафира со гевгелиски регистарски таблички, биле пронајдени 29,725 кг наркотична дрога – марихуана, додека осомничениот М.А. – поранешен полицаец со патничко моторно возило Пежо 607 со гевгелиски регистарски таблички бил во улога на чистач на патот.
Осомничените организирале мрежа на препродавачи и дистрибутери на наркотична дрога со непознати лица од Република Албанија. Дрогата требало да ја дистрибуираат од Охрид преку Градско до Велес. Надлежниот јавен обвинител од ОЈО за гонење на организиран криминал и корупција донел наредба за спроведување на истражна постапка против две лица на кои им се става на товар дека сториле кривично дело – неовластено производство и пуштање во промет на наркотични дроги, психотропни супстанции и прекурсори од чл. 215 од Кривичниот законик.
Судијата на претходна постапка го прифати предлогот и со решение на осомничените им определи мерка – притвор во траење од 30 дена.
Tweet |