Петар Печков
Објавено: понеделник, 07 април 2014
По реакциите за голема сеча на стариот пат од Велес до Прилеп преку Извор, за што ТРМР пишуваше, викендов се изведе голема акција за фаќање на дрвокрадци. Полицајци од станицата во Чашка, шумска полиција и вработени во ШС Бабуна вршеле контрола во атарот на селото Степанци. Оваа контрола е во согласност со Законот за шуми а целта било фаќање на сторители на кражби, нелегално сечење и бесправен превоз на огревни дрва.
СВР Велес информираше дека при контролата затекнати се четири лица од Прилеп од кои се одземени моторна пила и патнички автомобил лада -рива натоварен со сурови дабови и габерови дрва . На истата локација пронајдени се и одземени и два патнички автомобила марка лада-специјал и лада- рива натоварени сурови дабови и габерови дрва . Предметите и документираниот материјал се предадени на Шумска полиција заради понатамошна постапка.
Едно од четирите затекнати лица е лишено од слобода по наредба од Основен суд Прилеп заради издржување казна затвор во траење од една година. Истиот е спроведен во КПУ Идризово. При акцијата пронајдени се 10 кубици дрво кои се нелегално сечени.
Претходно имаше реакции од рекреативци дека шумата на планината Бабуна се сече безмилосно од дрвокрадци. Бидејќи овој крај е ненаселен, дрвокрадците работеле подолг период без некој да ги забележи.
Дел од жителите од овој крај за нив зборува дека биле од прилепско, доаѓале со автомобили што по оваа акција се покажа дека биле во право. Згора на тоа биле и агресивни, за што зборува фактот дека едното лице е барано со потерница за издржување казна затвор.
Tweet |