Петар Печков
Објавено: недела, 29 април 2012
Против три лица од Велес се поднесени кривични пријави поради основано сомнение дека во првите четири месеци од годинава извршиле 19 кривични дела „тешка кражба“ и „кражба“.
Тие се сомничат дека краделе пари, мобилни телефони и лични предмети од 19 граѓани, главно од женски пол, при што направиле вкупна материјална штета од 238.700 денари.
Кривична пријава е поднесена против 20-годишниот М.З. кој е осомничен дека во периодот од 25 февруари до 14 април сторил вкупно 8 кривични дела од кои четири тешки кражби и четири кражби. Тој влегувал во продавници, бутици, канцеларии и обложувалници и искористувајќи го невниманието на вработените ги крадел нивните паричници.
Кривично се гони и 20-годишниот И.Д. кој во периодот од 5 јануари до 5 април сторил девет кривични дела од кои три тешки кражби и шест кражби. На ист начин, искористувајќи го невниманието на луѓето, ги одземал нивните паричници, мобилни телефони и други предмети. Во еден случај пред една од банките во Велес ги набљудувал лицата кои подигаат пари по што ја искористил турканицата што настанала пред банката и од џебот на едно лице одзел 29.500 денари. Во друга прилика, од продавницата „Тедико-Супер“ незабележан од никого влегол во една од канцелариите и од металната каса одзел 63.500 денари.
Кривична пријава е поднесена и против 36-годишниот П.Г. за сторени две кривични дела „тешка кражба“. На 1 февруари со тегнење одзел ташна од женско лице по што избегал, а на 06/07 април ја отворил влезната врата од киоскот „Унион ММ“ од каде одзел пари, поголема количина цигари, средства за лична хигиена и други предмети.
Од полицијата информираат дека поголем дел од одземените предмети како лични документи, мобилни телефони, разни видови цигари, средства за хигиена и друго се пронајдени и им се вратени на оштетените.
Сите тројца се познати сторители на кривични дела против имотот, за што на П.Г. му се изрекувани и затворски казни, додека на М.З. и И.Д. им е изречена мерка - засилен надзор од социјален орган и малолетнички затвор
Tweet |