Петар Печков
Објавено: петок, 07 јули 2023
Во текот на вчерашниот ден, 06 јули, од правен субјект за производство на канабис за медицински цели во село Сопот, кавадаречко, одземени се 225 килограми сув цвет марихуана, 111,1 килограми био маса и 950 семки од канабис.
„По претходно преземени и координирани мерки и активности, како и обезбедени докази дека правното лице постапувало спротивно на одредбите од Законот за контрола на опојни дроги, односно во објектите на правното лице вршело одгледување на растенијата канабис спротивно на законот, по претходно обезбедени наредби од Основен суд Кавадарци, како и по претходно извршена контрола на полициски службеници заедно со претставници од Комисијата за оценување на исполнување на условите во однос на простор, опрема, кадар за добивање на одобрение за одгледување на канабис за медицински цели, одземена е марихуана за која се утврдени неправилности во работењето на правното лице“- соопштија од МВР.
„Во сеф собата беше пронајден сув цвет од канабис кој не беше спакуван и означен согласно законските прописи, а во останатите простории беше пронајдена сува маса од канабис за која правното лице не доставило известување до Комисијата од Министерството за здравство. Воедно, не била пријавена ни количината на финален сув производ, односно во целиот процес на одгледување се постапувало незаконски, бидејќи иако биле должни да ја известат Комисијата, тоа свесно не го правеле, со цел непријавената произведена марихуана да ја пуштат во продажба на црниот пазар и на тој начин да се стекнат со противправна имотна корист во вкупна вредност од половина милион евра“- дополнија од МВР.
Одземената дрога е предадена во Агенцијата за одземен имот.
Tweet |