Петар Печков
Објавено: понеделник, 09 февруари 2015
Направивме се што можеме и согласно Законот и согласно исклучително комплексниот случај од медицински аспект да можеме да ја испратиме Тамара од Велес таму каде што ќе има изгледи за излекување.
Ова попладнево на прес-конференција го истакна директорката на Фондот за здравствено осигурување на Македонија, Маја Парнарџиева Змејкова, која рече дека она што било специфично за случајот со деветгодишната Тамара Димовска и за уште еден случај, е што кога професор Уфук Талу, врвен европски спинален хируг дојде во Центарот за спинална хирургија во Скопје и направи преглед на девојчето и констатира дека случајот е исклучително редок и не може само еден хирург да се нафати на таа интервенција.
- Токму затоа тој препорача интервенцијата да ја направи со помош на уште двајца врвни спинални хирурзи, но не во Македонија, туку во болницата Аџибадем во Истанбул, посочи Парнарџиева Змејкова.
Предметот, укажа директорката, Фондот позитивно го реши во декември, но по препорака на Талу се чекаше едноставно сите тројца хирурзи да си ги усогласат своите ангажани, за во февруари да се утврди датумот кога Тамара ќе биде оперирана, за што бевме и во комуникација со нејзините родители.
Нагласи дека предметот бил издаден со конзилијарно мислење без итност од Клиниката за трауматологија, ортопедски болести, анестезија, реанимација, интензивно лекување и Ургентен центар (ТОАРИЛУЦ) во рамки на која функционира Центарот за спинална хирургија.
- Значи станува збор за редок случај и во светски рамки. Докторите кои ја прегледуваа Тамара издадоа обично конзилијарно мислење не алармирајќи дали станува збор за итност. Сакаме да ги упатиме пациентите за лекување во странство каде лекувањето ќе биде успешно односно ќе има квалитет од таа операција, а нема да бидат испратени само за да се земат парите од Фондот, а пациентите за неколку месеци да имаат нови влошувања и потреба од нови интервенции. Токму затоа ценевме дека заедно со родителите се разбираме и има трпение од нивна страна, рече Парнарџиева Змејкова.
Укажа дека дополнително на родителите им била дадена и можност доколку ценат да ја однесат Тамара во кој било друг спинален центар во регионот или пошироко, и согласно процедурите, Фондот ќе ги рефундира средствата дефинирани за оваа интервенција, а тоа биле 30.000 евра.
- Одлуката на родителите пред седум до 10 дена беше дека ќе почекаат професор Талу да ги викне и другите хирурзи после 8 февруари, односно оваа недела да го закажат терминот и Тамара да тргне во Турција. Имаме и втор случај, кој исто така чека термин во Аџибадем во Турција и веќе шести пат е опериран во странство без никакви резултати и токму затоа Фондот реши да ги упати пациентите таму каде што ќе има резултати, додаде Парнарџиева Змејкова.
Одговарајќи на новинарско прашање рече дека кога од професор Уфук Талу добиле на хартија прво допис дека Спиналниот центар во Македонија не може да се искористи за овие два случаи и дополнително добиле гаранција од него за успешност во лекувањето и предметот можел позитивно да се реши.
- Предметот почнува од конзилиумот односно од Клиниката. Во конзилијарното мислење на Клиниката, на докторите кои го следат случајот ни се посочува дали случајот бара итна интервенција во странство и доколку е итен ние мора да одлучиме за него во рок од 48 часа, односно во рок од три дена од добивање на барањето. Во случајот со Тамара ниту во првиот ниту во вториот случај ние од докторите од Клиниката за ортопедија и од Клиниката за траума немаме посочено дека станува збор за итен случај. Посочено е дека станува збор за многу тежок случај. Неколку земји како Хрватска го имаат одбиено, рече Парнарџиева Змејкова.
Посочи дека согласно поставените можности, направиле се случајот на Тамара да донесе успешна операција и очекувале од 8 февруари односно од денес да се закаже интервенцијата.
Координаторот на Центарот за спинална хирургија, Љупчо Николов рече се работи за тежок степен на деформитет, конгенитален тип сколиоза која брзо рапидно прогресира, деформитетот на рбетниот столб прогресира и доаѓа до деформитет на градниот кош, се намалува волуменот на градниот кош.
- Она што е најтешко во лекувањето е прогресирачката белодробна хипертензија. Тоа е најчеста компликација со највисок степен на морталитет, додаде Николов.
Tweet |