Петар Печков
Објавено: недела, 25 октомври 2020
градски стадион Благој Истатов во Струмица
главен судија: Марјан Младеновски од Скопје
ФК Беласица: Силјановски, Бајрами, Де Силва, Ивановски, Калановски, Милушев, Митевски, Радојчиќ, Размоски, Серафимовски, Стојков играа и- Коцев, Шулев
ФК Борец 1919: Мустафа, Ефтимов, Ѓоргиев, Коцев, Пеев, Прелчец, Ристевски, М.Ристовски, Стојменовски, Стојчевски, Трајановски играа и -Десниќ, Радовиќ, Ф. Ристовски
картони: жолт -Силјановски, Де Силва, Калановски, Размовски, Серафимовски, Коцев за ФК Беласица; Коцев, Трајановски, Ристевски, М. Ристовски за ФК Борец
Нерешено 2:2 одиграа фудбалерите на Борец во Струмица против ФК Беласица, екипа која по девет кола е последна, имаше само едно реми, со ФК Ренова дома, и три постигнати гола. Денес тие забележаа уште едно реми и дадоа два гола на четврто пласираната екипа, велешки Борец.
Дека очекуваната и најавувана победа на гостувањето не може да се случи, најавија струмичани кои во 45-тата минута преку Каланоски од пенал поведоа со 1:0, иако претходно фудбалерите на Борец има неколку убави шанси за гол.
Пресвртот дојде во средината на второто полувреме со голот на М. Ристовски во 59-та и капитенот Прелчец во 67-та минута. Хрватскиот интернационалец првиот гол во оваа сезона го постигна дури во десеттото коло, а лани беше најдобар стрелец на ФК Борец.
Бргу за три минути стигна израмнувањето, во 71-ва минута, преку Шулев, откако одбраната на велешани беше статична и не презема ништо да се расчисти опасноста во 16-те метри.
Во последните минути, во судиското продолжение, фудбалерите на ФК Борец имаа пет шанси во два напади, во две минути, да постигнат гол, погодуваа пречка, голманот на домашните Силјановски бранеше а Радовиќ се посрамоти кога од три метри, пред празниот гол, наместо топката се сплетка и падна, па ја промаши шансата за победа. По ова коло ФК Борец 1919 останува четврти со 16 бода, во следното игра, в недела со ФК Пелистер, кој е осми со 12 бода.
Tweet |