Петар Печков
Објавено: вторник, 12 ноември 2019
Велешката и македонска фудбалска легенда Трајче Ковачев ја доби највисоката општинска награда ,,Гемиџии,,. Тој остави неизбришлива трага во фудбалот во градот и како фудбалер и како тренер. Со неговото име е поврзан најголемиот успех на ФК Борец во клупската историја а со неговите игри, гледачите го испраќаа со аплаузи.
Сакам оваа награда да биде поттик за сите спортисти со нивните успеси да придонесат за афирмацијата на нашиот Велес. Да има што повеќе спортисти кои се прваци на Македонија, учесници на меѓународни, Балкански, Европски и Светски првенства, да се споменува името Борец или градот Велес. Фудбалот беше мој живот и до крајот ќе биде мој живот. Најдете слободно време спортувајте, рекреирајте, така го продолжувате животниот век - вели Ковачев.
Од неговата петта година возраст започнал да се бави со фудбал. Неговата фудбалска кариера е поделена на играчка и тренерска а потоа учесник во телата на фудбалската федерација. Своевремено преку ФСЈ бил и во Тунис, каде ги обучувал тренерите од оваа држава. Или на кратко богата фудбалска кариера.
Како фудбалер започнал и завршил во ФК Борец, играл и за ФК Овче Поле од Свети Николе, ФК Пелистер од Битола од каде заминува за ФК Раднички од Ниш- Србија, каде настапувал од 1971 до 1978 во Првата сојузна фудбалска лига на Југославија. Играл и со успех ги чувал значајните имиња на ФК Партизан, ФК Црвена Ѕвезда, ФК Хајдук и ФК Динамо. Тој во спортската јавност е познат по прекарот Зебец, по познатиот југословенски фудбалер Хрватот Бранко Зебец.
Кога како деца боси игравме фудбал, со парталиви топки на улица, мене другарите од маалото, кога се делевме, секогаш прв ме земаа во екипа иако бев помал од нив. Бев подобар од другите, сум играл впечатливо и постарите по мене викаа, леле игра како Зебец, игра како Зебец - раскажува Ковачев.
Тој многу годинки подоцна, кога како играч на Раднички од Ниш, бил на подготовки на Јелса -Хвар, играле со ФК Хајдук од Сплит, каде тренер бил токму Зебец. Тогаш се запознале и вели дека тоа му е најдрагиот спомен од животот. Во 1978 година Борец влегува во Прва Македонска лига и раководството на градот го замолило Ковачев да му помогне на клубот и тој се враќа како фудбалер во Борец, каде по три години ја завршува играчката кариера.
Како тренер, ги минал сите возрасни категории во матичниот клуб Борец, а работел и со ФК Тиквеш од Кавадарци, ФК Брегалница од Делчево, ФК Куманово и ФК Балкан од Скопје. Најголем тренерски успех му е првото место со, како што со чувство на гордост кажува, мојот Борец.
Во натпреварувачката 1988/89 година бевме прваци на Македонија и влеговме во Трета лига Југ на Југославија. Тоа беше екипа која беше составена исклучиво од велешки фудбалери, без засилувања, создавана со години од најмали категории а во која и јас учествував - додава Ковачев, кој е на 71 годишна возраст.
Tweet |