Петар Печков
Објавено: понеделник, 01 април 2019
Со пораз на домашен терен, во салата Гемиџии, КМФ Велес се прости од шансите за титулата првак во тековната сезона и како актуелен првак му ја предаде на лидерот КМФ Шкупи. Скопјани како гости победија со 3:4 полувреме 1:3. По 23-тото коло имаат 66 бода 12 повеќе од КМФ Велес кој е втор со 54. Ова беше петто коло од разигрувањето за титулата а до крајот има уште четири кола. Во следното коло велешани гостуваат во Штип на КМФ Астибо. Но сепак велешани имаат шанса да освојат пехар, и тоа во Куп натпреварите.
Лидерот на Втората фудбалска лига Борец од Велес гостуваше на второпласираниот ФК Тиквеш во Кавадарци , каде загуби со 3:0 (2:0). Во дербито на колото велешани загубија убедливо по што разликата меѓу двете екипи е седум бодови. Веќе во вторник во Велес во 15,30 ч. на Градски ФК Борец игра дома со ФК Детонит од Радовиш кој е седми со пет победи. Со тоа почнува и третиот дел од првенството.
Единствената радост ова коло ја донесоа кошаркарите на Борец баскет кои дома во салата ,,Гемиџии,, го растурија кочански Дино Баскет со 105:57 и му се реваншираа за поразот есеноска. Во следното 22 коло КК Борец баскет гостува на МЗТ Скопје Аеродром кој е второпласиран. И двете екипи имаат одиграно по 16 натпревари, со тоа што велешани се четврти со осум победи и 24 бодови, додека домаќинот има единаесет победи 27 бода.
Ракометарите и фудбалерките нивните натпревари од ова коло, ќе ги играат на 10-ти април.
Tweet |