речник контакт

Хаварија на крак од системот за наводнување „Макарија“, Росоман и Градско без вода за поливање

Земјоделците, овоштарите од општините Росоман и Градско три дена се без вода за наводнување. Од АД Водостопанство не соопштуваат временски рок, кога ќе биде саниран дефектот

Петар Печков

Земјоделците, овоштарите од општините Росоман и Градско три дена се без вода за наводнување. Од саботата останаа без капа вода во системот и за овоштарниците но и земјоделските површини.

Ова сериозно им ја загрози егзистенцијата. Тие повеќе не добиваат техничка вода од системот Макарија Тиквеш, со која ги полеваа површините. Еден крак од системот за наводнување, тој што води кон Росоман и Градско  е оштетен.

„Хаварија на сифонот на левиот магистрален канал на системот Макарија од кој земјоделците ја добиваат водата за наводнување на своите површини. И тоа по левата страна од течението на Црна река се до испустот кај село .Ногаевци“ - соопшти Стојан Николов, градоначалник на Општина Росоман.  

Земјоделците апелираат што побрзо да се санира оштетувањето оти времето тече а површините се без вода. Тоа ќе влијае на родот и на нивната егзистенција.

„Сега е сезоната за поливање на праските. Во овој период се сади и познатата пиперка куртовска капија. Наскоро ќе почне поливањето  на грозјето. Ако нема вода, како што нема, ќе нема ниту род“ - вели Дане Јошев претседател на здружението Тиквешко лозаро -овоштари“ од Кавадарци.

Тој потсетува дека неколку години апелираат на лошата состојба на системот Макарија, но се решавало само со интервенции но не и со сериозни вложувања за негова обнова.  Се огласија од и од АД Водостопанство, не соопштуваат временски рок, кога ќе биде саниран дефектот.

„Детектирано е оштетување на сифонот Макарија на хидромелиоративниот систем Тиквеш, поради кое привремено е прекинат дотокот на вода која се користи исклучиво за наводнување на земјоделските површини. Извршен е увид и во моментов интензивно се работи на изнаоѓање технички решенија за ургентна интервенција и санација во најбрз можен рок, а се со цел враќање на системот во првобитна состојба“ -  соопштија од  АД Водостопанство.

АНКЕТА »

Како ви се допаѓа сообраќајното решение за улицата 8 септември од Сармаале до Коњаникот

Резултати

ПРИЈАТЕЛИ »