речник контакт

Хелсиншки комитет- одлуката на обвинителството за предметот смртта на малата Тамара е крајно поразителна

Хелсиншкиот комитет и понатаму ќе се бори за правда во овој случај и ќе поднесе апликација пред Европскиот суд за човекови права во Стразбур

Петар Печков

Од Хелсиншкиот комитет за човекови права реагираа откако скопското јавно обвинителство одлучи да се откаже од гонење на поранешните директори на Фондот за здравствено осигурување и на членовите на прво и второстепената комисија.  

Тамара почина во 2015 година откако долго време чекаше парична помош од Фондот за здравство за операција на рбетот во странство. Случајот ја револтира македонската јавност, а граѓаните организираа повеќе протести на кои бараа одговорност за нејзината смрт.

Реакцијата од  Хелсиншкиот комитет за човекови права:

„Јавниот обвинител се откажа од кривично гонење за директорите на Фондот за здравствено осигурување на РСМ и претседателката на управниот одбор на Фондот, затоа што смета дека тие немаат кривична одговорност како службени и одговорни лица во правното лице. За останатите обвинети предвидено е дека лекар и член на првостепената, односно второстепената комисија на Фондот, кои ќе оневозможат осигуреник да оствари право од здравствено осигурување по основ на болест или неспособност за работа, што според закон или друг пропис му припаѓа, ќе се казни со парична казна или со затвор од шест месеци до три години. Со ваквата преквалификација произлегува дека е настапена апсолутна застареност на кривичното гонење во октомври 2020 година, со изминување на 6 години од денот кога е сторено кривичното дело. Согласно ова, обвинителството побара судот да донесе одбивателна пресуда, согласно член 402 од Кривичниот законик. Хелсиншкиот комитет за човекови права во изминативе години во повеќе наврати реагираше на постапувањето на обвинителството, но и за честото одложување на рочиштата. Од кривичната пријава која ја поднесе Хелсиншкиот комитет поминати се седум години, а судската постапка започна во 2018 година. Со оглед дека обвинителството одлучи да го преквалификува делото дури во завршната фаза од судењето, а не претходно, легитимен е сомнежот дека постоела намера делото едноставно да застари и никој од обвинетите кривично да не одговара за смртта на малата Тамара. Комитетот оценува дека ваквата одлука на обвинителството е крајно поразителна и значи дополнително зголемување на недовербата во правосудниот систем, кој не испорачува правда за жртвите. Хелсиншкиот комитет и понатаму ќе се бори за правда во овој случај и ќе поднесе апликација пред Европскиот суд за човекови права во Стразбур“, стои во соопштението на Хелсиншкиот комитет.

Предметот мошне долго време се постапуваше во Основен суд Скопје 1. Судијата  Марин Станевски се повлече бидејќи еден од лекарите лекувал негов близок роднина, па  беше доделен на нов судија. Претходно се иззема и јавниот обвинител кој го работеше предметот Наташа Гаџовска, па му беше доделен на нов Анел Фидовски.

АНКЕТА »

Како ви се допаѓа сообраќајното решение за улицата 8 септември од Сармаале до Коњаникот

Резултати

ПРИЈАТЕЛИ »